Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска, заедно со претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Ѓорѓиевски, присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на новата централна кујна во детската градинка „Гоце Делчев“ во Општина Илинден.

За само една година, од поставувањето на камен-темелникот до денес, успешно е реализиран овој значаен проект, со кој се унапредуваат условите за престој и исхрана на најмладите. Новата централна кујна, изградена според најсовремени стандарди, ќе обезбедува повеќе од 800 квалитетни оброци дневно за децата згрижени во градинката, како и за учениците од основните училишта.

Во наредниот период ќе започне и адаптацијата на постојната кујна во нови занимални, со што ќе се обезбедат дополнителни места за околу 60 деца и ќе се зголеми капацитетот на градинката.

Во своето обраќање, министерот Велковски истакна дека Министерството за социјална политика, демографија и млади останува цврсто посветено на создавање подобри услови за згрижување и ран детски развој преку континуирани инвестиции во предучилишната инфраструктура.

„Како Министерство за социјална политика, демографија и млади, продолжуваме со силна динамика да инвестираме во изградба и проширување на капацитетите за згрижување на децата. Во текот на оваа година предвидено е отворање на 15 нови детски градинки, со што ќе обезбедиме околу 1.800 нови места за деца од предучилишна возраст. Нашата цел е до крајот на 2027 година да бидат отворени вкупно 37 нови градинки. Тоа е јасен показател дека со одговорни политики, посветена работа и партнерство меѓу институциите и локалната самоуправа, создаваме подобри услови за секое дете. Вложувањето во децата е најважната инвестиција што ја правиме за иднината на Македонија“, истакна министерот Велковски.

Министерството за социјална политика, демографија и млади и понатаму ќе продолжи со реализација на проекти насочени кон проширување на опфатот на децата во предучилишното образование и обезбедување современи и безбедни услови за нивен раст, развој и воспитување.

фото: Министерство за социјална политика, демографија и млади