Министерката за Енергетика, Рударство и Минерални суровини Сања Божиновска ќе учествува на 21. Виенски Економски Форум (ВЕФ) – “Виенски дијалог за иднината 2024“, што ќе се одржи денес во Виена, Австрија. Како дел од овогодинешната тема, “Регионалната економија како дел од европската и глобалната економија“, Виенскиот Економски Форум на едно место ќе ги обедини лидерите од цела Европа кои ќе разговараат за клучните економски и политички прашања кои ја обликуваат иднината на регионот.

Министерката Божиновска ќе учествува на третата сесија на Форумот, насловена како “Заедничка одговорност на економијата и политиката за сигурна европска иднина“. Сесијата, модерирана од г-ѓа Даниела Филип, ќе биде отворена со изјава на г-дин Матео Ривелини, Раководител на Одделот за Западен Балкан и Турција во Европската инвестициска банка (ЕИБ). Заедно со регионални лидери и експерти, Министерката за Енергетика, Рударство и Минерални суровини ќе дискутира за колективните одговорности на политичките и економските сектори за обезбедување стабилна, одржлива и просперитетна иднина за Европа. Покрај Божиновска, на панелот ќе учествуваат:

– Александар Влаховиќ, Претседател на Српската асоцијација на економисти и член на УО на Виенскиот Економски Форум;
– д-р Сабине Херличка, Извршен Директор на “Инфинеон Технологии Австрија АГ“;
– д-р Гинтер Рабенштајнер, Управен Партнер на “eHydro500“ и Почесен Претседател на Виенскиот Економски Форум;
– Г-дин Сезгин Билгич, Генерален Секретар на Фондацијата “Мармара Груп“, Турција;
– Г-ѓа Наталија Бејан, Генерален Директор на агенцијата “Инвест“ Молдавија;
– Г-дин Никола Вујовиќ, Потпретседател на Стопанската Комора на Црна Гора.

Учеството на Министерката Сања Божиновска на Виенскиот Економски Форум е приказ на посветеноста на Министерството за Енергетика, Рударство и Минерални Суровини и на нашата држава кон размена на искуства со европски и светски експерти, кон партиципирање во дијалозите и придонесување кон европската агенда за одржлив раст, унапредување на енергетската ефикасност и зајакнување на регионалната стабилност.

„ За нашата држава, учеството во ваквите дискусии не е само политика, туку и одраз нашата тековна работа и стратегија за интегрирање на обновливите извори на енергија, поддршка на економската стабилност и создавање силни партнерства. Учеството на собири како Виенскиот Економски Форум ја нагласуваат важноста и улогата на нашата држава во поширок, европски контекст и исклучително големата важност обединетиот пристап кон овие предизвици“ изјави Божиновска пред почетокот на самитот.
Преку своето учество и остварените средби, Министерката продолжува да работи на зајакнување на соработка со европските партнери за позелена, посигурна и поотпорна енергетска иднина во државата.