Руската Федерална служба за безбедност соопшти дека 40 лица загинале, а повеќе од 100 се ранети во нападот во петокот во концертната сала во Москва.

Нападот, кој руските власти го истражуваат како тероризам, е најсмртоносниот во Русија во последните години.

Неколку вооружени напаѓачи упаднале во концертната сала во Москва и започнале да пукаат од автоматско оружје, убивајќи и ранувајќи десетици при што избил и голем пожар. Руските медиуми објавија дека покривот на местото на настанот се урнал поради огнот.

Руските новински извештаи велат дека напаѓачите фрлале експлозиви кои најверојатно го поттикнале големиот пожар. Видеото објавено на социјалните мрежи покажува огромни облаци од црн чад што се издигаат над зградата, во која можат да се сместат повеќе од 6.000 луѓе.

Нападот се случил за време на настан на познат руски рок бенд. Во руските новински извештаи се вели дека посетителите биле евакуирани, но некои велат дека имало и одреден број луѓе кои биле заробени од пожарот.

Од руското обвинителство соопштија дека неколку лица, мажи во воена облека влегле во концертната сала и пукале кон посетителите.