Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, е еден од клучните луѓе кои го туркаат процесот за интеграција во ЕУ. Тој, во обемно интервју за ЦИВИЛ МЕДИА, открива детали за процесот што се води, за извонредната шанса на земјата за брзо членство во ЕУ и за огромните придобивки од тоа членство за сите граѓанки и граѓани, за економијата, стабилноста и безбедноста.

Тој отворено и директно говори за политичките состојби и за можните тешки последици доколку не ја искористиме оваа шанса за продолжување на процесот за членство во ЕУ, кој во моментов е блокиран од опозицијата.

Маричиќ е искрен и директен. Неговата констатација дека „блокадите од опозицијата на државата ѝ носат изолација, неизвесност и отвора простор за влијанија на трети страни“ ја поткрепи со цврсти и рационални аргументи.

„Доколку не стане проактивна опозицијата и не даде поддршка за  уставните надополнувања исходот е јасен, тука застануваме и повторно заглавуваме во чекалната на ЕУ“, вели вицепремиерот Маричиќ.

Тој порачува дека не е време за популизам. Според Маричиќ, популизмот му штети на евроинтегративниот процес, а последиците ќе бидат тешки.

ЦИВИЛ е организација која долги години се бори против дезинформациите, пропагандата и хибридните закани, па оттаму, неизбежно беше да се опфати и таа тема. Според вицепремиерот Маричиќ, дезинформации имаат цел да создадат страв и хаос. Тој објасни кои чекори ги презема Владата, но воедно ги препознава и напорите на граѓанските организации кои даваат голем придонес во оваа област.

„Лесно е да се вратиме во чекалната на ЕУ, но тоа нема да е од помош за следните генерации. Ни требаат државнички и сериозни одлуки со кои ќе се движиме напред“, порача вицепремиерот Маричиќ на самиот крај од ова интервју за ЦИВИЛ МЕДИА.

ЦИВИЛ МЕДИА: До каде е скрининг процесот во овој момент?

МАРИЧИЌ: Преговорите со ЕУ се одвиваат според предвидената динамика, онака како што пред една година заедно со Европската комисија го договоривме календарот. Скрининг процесот е во напредна фаза и сме на само неколку месеци до негово завршување, по што процесот треба да продолжи во следната фаза, кога ќе ги отвораме кластерите и градиме преговарачките позиции. Ако сакаме тоа да се случи сега и да го задржиме чекорот и динамиката на целиот процес потребно е да ги направиме уставните измени.

Оваа фаза од преговорите со ЕУ, мислам на скрининг процесот, подразбира дека сите задачи и обврски кои ги преземаме треба да ги планираме и да ги проектираме до 2030 година, за да ја исполниме целта која ја поставивме пред нас да сме подготвени за членство до крајот на оваа декада. Затоа покрај законодавството на скрининг состаноците се дискутира и за административните капацитети, состојбата во која тие се наоѓаат, каков е нашиот план за нивно подобрување и зајакнување, секако и имплементација на законите.

Хоризонтална тема во сите кластери и сите поглавја е борбата против корупцијата и на секој скрининг состанок во секое поглавје има дел во кој се презентираат и антикорупциските политики на државата во тоа поле и активностите кои се преземаат, како и мерки кои треба да ги преземеме за подобрување во конкретната област.

Скринингот комплетно и со билатералниот дел и со објаснувачкиот е завршен за првите три кластери и тоа за Кластерот „Фундаментални вредности“, „Внатрешен пазар“, и „Инклузивен раст и конкурентност“. Во месеците јуни и јули имавме интензивни билатерални скрининг состаноци за кластерот Кластерот 4, „Зелена агенда и одржлива поврзаност“, како и објаснувачки скрининг состаноци за еден од пообемните кластери, Кластерот 5 „Ресурси, земјоделство и кохезија“. Од средината на септември продолжнуваме со билатералниот скрининг за Поглавјето 15 „Енергетика“ и Поглавје 21, „Трансевропски мрежи“, од Кластерот 4, „Зелена агенда и одржлива поврзаност“, а истиот месец треба да започнат и објаснувачките скрининг состаноци за последниот Кластер 6, „Надворешни односи“.  Во октомври до крај на ноември ни остануваат билатералните скрининг состаноци за Кластерот 5 и 6, односно за „ Ресурси, земјоделство и кохезија“ и за „Надворешни односи“.

Со гордост ќе кажам дека македонските институции и администрацијата успешно ги спроведуваат билатералните скрининзи, со силна мотивираност и  посветеност, како тука во Скопје така и во Брисел. Ги имаме сите потребни капацитети за влез во следната фаза од преговорите со ЕУ, а тоа е отворање на Кластерот 1, „Фундаментални вредности“ и веќе работиме на трите клучни документи за отворање на овој кластер, а тоа се: Патоказот за владеење на правото заедно со Акцискиот план за малцински права, Патоказот за реформа на јавната администрација и за функционирање на демократските институции.

ЦИВИЛ МЕДИА: Кои се патоказите и зошто ни се важни овие документи?

МАРИЧИЌ: Со новата Методологија за пристапни преговори од март 2020 година која се рефлектира и во Преговарачката рамка за Северна Македонија, усвоена од Советот на ЕУ во јули 2022 година, за Кластерот 1, „Фундаментални вредности“, треба да се подготват три Патокази од кои два се одредници за негово отворање и тоа:

Патоказ за владеење на правото, кој ќе биде и одредница за отворање на Кластерот, и истиот ги опфаќа реформите во Поглавјата 23, „Правосудство и фундаментални права“ и Поглавјето 24, „Правда, слобода и безбедност“. Тука, во рамките на овој Патоказ се наоѓа и Акцискиот план за правата на малцинствата којшто за нас е особено важен и треба да содржи мерки за унапредување на правата меѓу кои и за недискриминација, борба против говор на омраза и образование, согласно Преговарачката рамка, за сите малцинства кои постојат во државата.

Друг документ е Патоказот за функционирање на демократските институции, кој нема да биде одредница за отворање на Кластерот, но е обврска која треба да ја исполниме и треба да содржи мерки за зајакнување на демократското управување на сите нивоа и тоа во однос на работата на Собранието, изборниот процес и зголемување на граѓанското учество во демократските процеси.

И третиот е Патоказот за реформа на јавната администрација, кој е одредница за отворање на Кластерот и кој се фокусира на градење на професионална администрација во служба на граѓаните и на јакнење на административните капацитети за спроведување на законите и политиките кои се усогласени со европските стандарди. Тука спаѓа новата Стратегија за реформа на јавната администрација, сите закони за работа на администрацијата, за  високо раковидни позиции во јавната служба и секако политиката за задржување на добрите кадри во администрацијата, една од клучните работи кои Европската Унија ги бара од нас.

Патоказите, пред сé се стратешки документ во кој треба да се рефлектира визијата и политичката заложба на Владата и на државата да ги спроведе суштинските реформи во конкретните области и поглавја, односно да се обезбеди цврста правна и институционална рамка, соодветни ресурси и ефикасно спроведување на законодавството и унапредување на демократското функционирање на општеството.

ЦИВИЛ МЕДИА: Кое е значењето на овие три документи?

МАРИЧИЌ: Овие три документи се клучни и ќе биде предизвик да се изработат бидејќи треба да ги утврдат сите реформи кои треба да завршат до 2030 година и тие не треба да бидат само бирократски задачи.

Очекувањата се дека не треба да се фокусираме само на процеси како донесување на стратегии или закони, туку стратегиите и законите да ги гледаме како инструменти за исполнување на некоја цел. Еве како пример ќе кажам дека постигнување на таква цел е преку новата Стратегија за реформа на јавната администрација ќе изградиме ефикасна и деполитизирана администрација, која ќе биде во служба на граѓаните и навремено ќе ги обезбедува услугите кои им се потребни.

Или, пак, друг пример е зголемена ефикасност на Собранието преку унапредување на неговата улога како форум за политички дијалог, донесување на законите преку инклузивен и консултативен процес и зајакнување на неговата надзорна улога.

ЦИВИЛ МЕДИА: Кои чекори ги преземате во контекст на документите за кои зборувате?

МАРИЧИЌ: Веќе имаме направено неколку серии на состаноци со ресорните институции, а секако ќе бидат и предмет на консултации со јавноста, односно со граѓанскиот сектор, стопанските комори и академската заедница.

Очекувам целиот процес да заврши и Патоказите да бидат завршени до крајот на есента, доколку сакаме да бидеме комплетно политички и реформски подготвени за отворање на првиот Кластер.

Не треба помалку значење да даваме на овие документи, отколку на уставните измени, иако уставните измени се повеќе политичко прашање, се изводливи со 2/3 мнозинство и ќе зависат од политичката зрелост и одговорност на лидерите и пратениците во македонското Собрание.

Според, последните консултации со Брисел не треба да очекуваме други дополнителни барања, освен подготовката на овие документи, како стандардна задача која произлегува од преговарачката рамка, заедно со уставните измени, што е добро за нас и е добра вест.

Наша обврска, покрај уставните измени, останува да ги изработиме квалитетно и темелно Патоказите, во еден транспарентен и инклузивен процес, и очекуваме до средината на септември да имаме нацрт верзија на патоказите, со што ќе следуваат консултации во текот на месец септември.

ЦИВИЛ МЕДИА: Зошто се важни уставните измени?

МАРИЧИЌ: Уставните измени се гарант дека остануваме активни во преговорите со ЕУ и водат чекор поблиску до членство. Тие се клучот за одржување на втората Меѓувладина конференција со ЕУ и отворање на Кластерот 1, „Фундаментални вредности“. Гласањето на уставните амандмани значи политичка стабилност и брзо членство во ЕУ. Од една страна се важни за забрзано продолжување на реформите и впишување на Северна Македонија во новиот пакет за проширување на ЕУ, а од друга страна за  зајакнување на кохезијата и мултикултурниот карактер на македонското општество.

Иако се работи за измени на македонскиот Устав, што е внатре-политичко прашање, како и при секоја крупна државничка одлука мора да се земе предвид и поширокиот контекст. Новата геополитичка реалност во Европа создаде услови за проширување на границите на ЕУ со нови држави, која наметнува ново темпо на напредување во евроинтеграциите, кое не смееме да го пропуштиме.

Уставните дополнувања ја прават реална приликата која ја имаме за членство во ЕУ. Од држава која прва ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација во 2001 година и која имаше иста стартна позиција со Хрватска, сега треба да ја искористиме можноста која се отвора после 10 години и да не дозволиме Северна Македонија да биде ставена во изолација и во групата на држави кои чекаат и не знаеме уште колку долго ќе бидат во чекалната на ЕУ, што ќе биде крајно демотивирачки и фрустрирачки за граѓаните, особено за младите.

Не треба да заборавиме дека после подолг временски период ЕУ зборува за проширување и ги отвора вратите за нови членки. Сега се прави планот за новото проширување и од уставните измени ќе зависи дали и Северна Македонија ќе биде во него и новите граници на ЕУ.

Во трка сме со времето и поради политичките случувања во ЕУ, која следната година има избори кои ќе донесат нов состав на Европската комисија, на Европски парламент, нови лица, нови приоритети и политики. Од тука и потребата да се направи пакетот за проширување сега, бидејќи тоа ќе влијае и на политиката на идната Европска комисија.

Успешните уставни измени ќе значат јасна, чиста позиција за Северна Македонија, со исполнети критериуми од обврските кои произлегуваат од преговарачката рамка. Следниот потег ќе биде на Европската комисија, која ќе биде сигурна дека Северна Македонија продолжува на европскиот пат.

ЦИВИЛ МЕДИА: ЕУ говори за забрзана интеграција, во што се состои тоа?

МАРИЧИЌ: Овој период темата забрзана интеграција е актуелна и за нас и земјите од регионот, кандидатки за членство во ЕУ, е многу важна. Ова е уште една новина која произлегува од новата Методологија и Преговарачката рамка, а која треба да придонесе за приближување на државата и целиот регион до ЕУ, преку забрзана и одржлива трансформација на нашите општества во целосно функционални европски демократии.

На ова треба да гледаме како шанса за отворање на нови можности, со цел граѓаните да ги почувствуваат придобивките од евроинтеграцијата и пред нашето членство во Унијата, а тоа со сигурност ќе придонесе за подобрување на перцепцијата на граѓаните за ЕУ и зајакнување на поддршката за евроинтегративниот процес.

Политичката цел на овој процес е да даде нова динамика процесот на преговори, но и да ги поттикне државите кандидатки за членство во ЕУ забрзано да се движат во евроинтегративниот процес. Бидејќи што побрзо се движиме поголеми се шансите побрзо да станеме дел од европскиот механизам и систем.

Треба да го искористиме максимално и да направиме повеќе сега, во овој период, додека да станеме членка на ЕУ. Ова не е замена за полноправно членство, тоа го потенцираме постојано, а го потврди и ЕУ и државите членки, дека се работи за поддршка. Овие можности кои ни ги нудат се само начин и помош како да ја исполниме стратешката цел побрзо, а не замена за членството во ЕУ.

ЦИВИЛ МЕДИА: Во кои делови од европските политики ќе се приклучи земјата?

МАРИЧИЌ: Дали и во кои делови на европските политики ќе се приклучиме пред да станеме членка на ЕУ не зависи од нашата желба, туку за реалната подготвеност и имплементацијата на европското законодавство и стандарди во одредена област.

Ние веќе за време на скринингот детектираме такви области и формати, каде во најголем процент сме усогласени со државите членки на ЕУ и би можеле да учествуваме и пред членство во ЕУ, а со такви анализи ќе продолжиме и понатаму.

На овој начин ќе имаме можност многу порано да ги почувствуваме бенефитите од главниот двигател на економскиот успех на Унијата, а тоа е заедничкиот пазар, кој несомнено ќе нè приближи многу поблиску до ЕУ и помогне во забрзување на пристапниот процес, преку новиот план со четири столбови за Западен Балкан, кој беше презентиран од претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен.

Со овој конкретен план Европската Унија покажува дена навистина ја гледаат Северна Македонија, но и земјите од Западен Балкан како идни членки на ЕУ и сакаат да помогнат тоа да се случи побрзо, што е еден вид доказ дека вратата за проширување на ЕУ е отворена, а тоа за нас и нашата иднина е ретка можност и единствен начин за реформите да се темелни и да прават брза трансформација на македонското општество.

ЦИВИЛ МЕДИА: Во што се состојат четирите столбови на новиот план на ЕУ за Западен Балкан?  

МАРИЧИЌ: Европската комисија со новиот план го презема процесот во свои раце и на некој начин сака да се осигура дека земјите кои веќе се во пристапни преговори со ЕУ со забрзано темпо ќе напредуваат во евроинтеграцијата. Ова е еден вид признание за нашите заложби за напредок на патот кон ЕУ и за реализација на европската агенда, и покажување на волја и желба од страна на ЕУ на нашите напори да даде еден вид на форма за раст и развој, за цел Западен Балкан.

Планот кој го претстави претседателката на Европската комисија се темели на четири столба и тоа: Приближување до единствениот пазар на ЕУ, регионална економска интеграција,  забрзување на фундаменталните реформи и стимулирање на економскиот раст преку зголемување на пристапните фондови.

Поедноставно кажано овој план се состои од два клучни елементи: Области кои ќе овозможат забрзана интеграција, односно придобивки пред членство и вториот е повеќе европски пари за повеќе реформи. Затоа овој период треба да сме фокусирани на детектирање области во кои би можеле да имаме забрзана интеграција и каде ни е потребна финансиска поддршка за спроведување на европската агенда.

ЦИВИЛ МЕДИА: Можете ли да ни дадете неколку конкретни примери за ова што го говорите?

МАРИЧИЌ: Ќе наведам неколку примери за да се добие подобра претстава што ќе значи оваа забрзана интеграција и во која насока ќе се подготвува планот, кој треба го испратиме до Европската комисија. Во координација со стопанските комори добивме инпут дека македонската прехранбена индустрија е добро развиена и сме високо усогласени со европското законодавство и можеме  да бараме забрзана интеграција на пазарот на ЕУ, особено во делот на прехранбените производи од животинско потекло или пак можеме да бараме признавање на оние ветеринарни, санитарни и фитосанитарни сертификати.

Со сигурност ќе бараме проширување на зоната за слободен роаминг на ЕУ, каде можеме да постигнеме меѓусебен договор за намалување на цените на роамингот како и целосно вклучување во европскиот дигитален пазар. Воздушниот транспорт е веќе препознаен од страна на Европската комисија како можност за забрзана интеграција и во таа насока македонската Агенција за цивилно воздухопловство веќе има неколку барања. Можеме да бараме да бидеме вклучени и во единствената европската платежна област, за да ги олесниме прекуграничните плаќања и меѓурегионалното поврзување на компаниите.

Целта е да имаме план во неколку области кој најверојатно ќе бидат заеднички за сите држави од Западен Балкан и кои ќе бидат лесно изводливи за ЕУ да се отвори и да овозможи интеграција и пред полноправно членство.

Имаме направено серија консултации со домашните институции, стопанските комори на оваа тема, но и со Албанија, Србија, Црна Гора околу подготовката на овој план. Во моментот покрај изработката на Патоказите, паралелно работиме на дефинирање на ваквите области и планираме во месец август да испратиме еден драфт документ кој ќе ги систематизира сите овие предлози и некаде во месец октомври, заедно со годишниот Извештај на Европската комисија за 2023, да биде објавен и овој план за забрзана интеграција.

ЦИВИЛ МЕДИА: Каде го гледате најголемиот предизвик?

МАРИЧИЌ: Најголем предизвик ќе биде барањето за постепено отворање на структурните фондови, како резултат на достигнување на одреден прогрес во преговарачкиот процес, бидејќи од ист фонд ќе треба да користат повеќе држави кандидатки за членство во ЕУ.

Во секој случај ова е сериозен политички процес на ЕУ којшто е од наш интерес и неговата реализација ќе значи побрзо интегрирање во единствениот европски пазар и политики, од кои ќе се почувствуваат и конкретни придобивки за граѓаните во целиот регион, вклучувајќи ја и Северна Македонија.

ЦИВИЛ МЕДИА: Европската комисија го објави и достави нацрт скрининг Извештајот за Кластер 1, „Фундаментални вредности“. Што има во него?

МАРИЧИЌ: Овој нацрт-Извештај како и сите други релевантни документи се основа за дефинирање на мерките кои треба да бидат дел од Патоказите. Практично со скрининг Извештајот добиваме инпут односно мислење од Европската комисија, врз основа на билатералниот скрининг, што треба да содржат Патоказите, со конкретни задачи кои треба да ги исполниме до 2030 година.

Нацрт скрининг Извештајот кој го објави Европската комисија за Кластерот 1, „Фундаментални вредности“ ги содржи првите три дела односно осврт на клучните барања на правото на ЕУ, осврт на состојбата во земјата и наодите и оценката на Комисијата за областите и Поглавјата кои се дел од овој Кластер. Согласно процедурите на ЕУ, тој допрва ќе се дискутира од страна на земјите членки на ЕУ и дополнително ќе биде предмет одобрување во телата на ЕУ.

Извештајот доаѓа во вистинско време, кога интензивно работиме на изработка на Патоказите, како насока за идните реформи во клучните области кои Северна Македонија треба да ги направи, како владеењето на правото, поточно реформите во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и човековите права, како и во функционирањето на демократскиот институции и реформата во јавната администрација, со цел исполнување на условите за членство во Унијата.

При тоа треба да се има предвид дека наодите во овој Извештај не се нешто ново за нас и најголем дел од нив ни се веќе познати во извештаите за напредокот коишто секоја година ги гледаме, но многу подетално, многу по суштински пристап. Ова го кажувам бидејќи оценката на Комисијата во Извештајот се заснова на информациите добиени за време на скринингот како и на дијалогот што се води во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и годишните извештаи на Европската комисија кои се дел од пакетот за проширување.

ЦИВИЛ МЕДИА: Што е посебно значајно во ЕУ извештаите?

МАРИЧИЌ: Скоро во сите области Европската комисија забележува дека законодавната и институционалната рамка во државата е во голема мера усогласена со стандардите и правото на ЕУ. Она на што треба да се сконцентрираме во наредниот период е имплементацијата, зајакнување на капацитетите, особено на независните тела и градење на т.н. Track record.

Поради тоа е многу важно како ќе ги подготвиме стратешките документи – Патоказите, кои наша обврска, одредници за отворање на Кластерот 1, заедно со уставните измени. Секретаријатот за европски прашања, со поддршка на меѓународни експерти, веќе започна со подготовка на методолошкиот пристап за подготовка на Патоказите и постојано ќе ги консултираме со Европската комисија за да ги изработиме најдобро што можеме.

При дефинирање на целите во Патоказите ќе бидеме амбициозни, но пред сè реалистични. Со самите Патокази ќе дадеме добра основа, за големата слика и за целта кон која се движиме за да ги постигнеме очекувањата, до 2030 да бидеме членка на ЕУ.

Имаме капацитет, политичка волја и подготвеност да продолжиме да работиме, исполнувајќи ги нашите обврски, со очекување сите да се вклучат и да имаме политички, но и општествен консензус за процесот, кој во следната фаза ќе наметни темпо на промени и трансформација на македонското општество, со многу побрзи и повидливи резултати во сите области.

ЦИВИЛ МЕДИА: Антиевропската кампања е поткрепена, меѓу другото, со дезинформации и националистички наративи. Што прави владата за да се соочи со овие предизвици и дали тоа е доволно?

МАРИЧИЌ: Дезинформациите и националистичките наративи се сериозен проблем со кој се соочуваме не само ние, туку и целиот регион. Јасно е дека поради геополитичката поставеност сме држава која има странски влијанија на медиумската сцена, која има плодно тло за дезинформации и медиумски манипулации. Сведоци бевме на сите случувања поврзани со т.н. Француски предлог и дезинформациите кои и денес ги слушаме за Преговарачката рамка и евроинтеграцијата.

Овој предизвик бара стратешки пристап и многу внимание и за тоа како Влада сме на дезинформациите се спротивставуваме со проактивност, отвореност и транспарентност во комуникацијата за нашето работење. Соработуваме и со организациите што се занимаваат со оваа тематика и низ проекти постигнати се значајни резултати во оваа област, но потребно е да се направи уште многу.

ЦИВИЛ МЕДИА: Како ја оценувате работата на граѓанските организации во оваа област?

МАРИЧИЌ: Владата ја препознава работата на неколку реномирани граѓански организации и медиуми кои континуирано и несебично се залагаат да ги идентификуваат и разобличуваат дезинформациите.

Во борбата против дезинформациите, нашата земја добива значајна поддршка од НАТО и веруваме дека и поддршката на меѓународните донатори може да помогне на медиумите и граѓанските организации во зајакнувањето на своите капацитети за борба против дезинформациите, бидејќи тие се главните актери и клучни играчи за успехот во оваа борба.

Конкретно, дезинформациите за евроинтеграцијата на Северна Македонија, дека не се започнати преговорите со ЕУ, дека Францускиот предлог е обид за бугаризација, дека сме го изгубиле идентитетот и јазикот, направија големи поделби во македонското општеството, внесоа недоверба и несигурност во процесот, но и паника меѓу граѓаните.

Станавме членка на НАТО, ги започнавме преговорите со ЕУ, како Македонци, со заштитен македонски јазик и идентитет, имаме отворена можност да напредуваме брзо во процесот и да станеме членка на ЕУ со наредното проширување, кое во моментот се дефинира во Унијата и сега, кога постои ваков политички моментум најмалку ни требаат лажни вести и дезинформации, кои имаат за цел да создадат атмосфера на страв и хаос, за постигнување геополитички и внатрешни политички цели.

Сето ова штетно ќе влијае на моменталните општествени и политички процеси, особено во време на вакви глобални превирања и мислам дека е неопходно целото општество да биде свесно за сериозноста на проблемот и последиците и да се создаде една широка социјална група која одговорно ќе пристапи во надминување на овој предизвик.

ЦИВИЛ МЕДИА: Кои се последиците од блокадата што ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ на политичкиот процес и евроинтеграцискиот пат на земјата?

МАРИЧИЌ: Блокадите од опозицијата на државата ѝ носат изолација, неизвесност и отвора простор за влијанија на трети страни. Бегањето од носење државнички одлуки и неучествување во најважниот национален процес само го отежнува и забавува прогресот на државата и нè оддалечува од европската перспектива.

Доколку не стане проактивна опозицијата и не даде поддршка за  уставните надополнувања исходот е јасен, тука застануваме и повторно заглавуваме во чекалната на ЕУ. А тоа не носи добро никому и не треба да биде ова цел на никој, поради било кои причини а најмалку политички.

Сега треба да е целта на сите да останеме на европскиот пат и да ја впишеме Северна Македонија во новиот пакет за проширување во којшто ќе бидат Украина, Молдавија, Грузија и држави од Западен Балкан.

ЦИВИЛ МЕДИА: Што значи тоа од формално правен аспект?

Од формално правен аспект, доколку во тоа не успееме до крајот на оваа година, можно е да се очекува одвојување на Албанија, под услов да немаат и тие некои дополнителни пречки од било која земја членка на ЕУ. Одвојувањето од политички аспект не е добро да се случи, бидејќи повторното заостанување во процесот или блокада може да биде исклучително неповолна во креирањето на општата клима околу процесот, а и за кредибилитетот на ЕУ институциите кај нас.

Најдобар исход за нас како држава е да успеат уставните измени. Сѐ останато ќе биде криза за државата, долгорочно излегување од процесот на европски интеграции, и оставање на државата во еден геостратешки празен простор за трети држави кој што имаат други агенди и на кои не им одговара граѓаните и државата да бидат во ЕУ.

ЦИВИЛ МЕДИА: Која е најважната порака во овој контекст? 

Сметам дека кога станува збор за стратешките цели на државата и националните интереси, не треба да има никаква дилема дека сите до еден треба да сме на иста страна. Мораме сите рационално да тргнеме од фактите зошто се потребни овие уставни измени, бидејќи во овој клучен момент за државата во кој се наоѓаме, најважно е да нема забуна кај граѓаните околу дополнувањата што треба да се направат во Уставот и затоа, во никој случај, не смееме ова прашање да го користиме или поврзуваме за дневнополитички поени и потреби.

Важно е да се вклучи опозицијата во преговарачкиот процес сега, да се направат уставните измени, а не по 5, 10 или по 15 години, за да го фатиме чекорот со земјите кои ќе напредуваат во проширувањето, а тоа се Украина и Молдавија, на кои треба им да се приклучат уште неколку земји од Западен Балкан, што веќе преговараат со ЕУ. Дали ќе бидеме во овој пакет или не, зависи од нас и од успешноста на уставните измени.

ЦИВИЛ МЕДИА: Опозицијата не престана да повторува дека има опасност од „бугаризација“. Што ќе кажете за тоа?

МАРИЧИЌ: Погрешна е тезата за некаква си бугаризација, која сака да ја наметне опозицијата и која ја пласира во јавноста дека прашањето за уставни измени е нешто што го наметнала Бугарија и дека тоа е нејзин диктат. Со ова само се извртуваат работите, ја намалуваат довербата кај граѓаните за евроинтеграцијата, што на долг рок е штетно за целиот процес. Обврската за уставни измени произлегува од преговарачката рамка која веќе е усвоена и не може да се промени или повторно да се преговара.

Веќе впишаните етнички заедници не направиле никаква штета ниту имале последица на нашиот македонски јазик и идентитет, така и со ова дополнување на Преамбулата со Хрватите, Црногорците, Словенците, Бугарите, Египќаните и Евреите, во низата на веќе набројаните етнички заедници, наши сограѓани, нема да има никаков ризик по нашите национални обележја и вредности. Никаква штета нема да претрпи ниту македонскиот идентитет, ниту јазик, со уставните измени, само ќе се промени државата на подобро, а граѓаните сè повеќе ќе ги гледаат и чувствуваат придобивките од преговорите со ЕУ.

ЦИВИЛ МЕДИА: Опозицијата прибегнува кон една алатка што добро ја познава – популизмот. Што всушност, ни е потребно?

МАРИЧИЌ: Не е време за популизам. Тоа ќе му штети на евроинтегративниот процес, а последиците ќе бидат сериозни. Ние сме во фаза кога е членството во ЕУ е на дофат и тоа до крајот на декадата, шанса која не се пропушта.

Затоа уставните измени мора да се случат до крајот на ноември, да останеме во процесот и да обезбедиме континуитет на преговорите со ЕУ.

Колку подолго сме надвор од процесот, толку полошо за економијата, за целокупната клима во државата и толку повеќе млади ќе ја напуштаат државата. Тоа понатаму ќе ја слабее довербата во институциите и ќе биде закана за стабилноста и просперитетот на државата, а тоа сум сигурен дека никој не го посакува и затоа верувам дека ќе успееме да ги завршиме заеднички обврските кои ги имаме на патот до членството во ЕУ.

ЦИВИЛ МЕДИА: За крај на ова интервју, кои се Вашите пораки?

МАРИЧИЌ: Ако навистина ѝ сакаме добро на државата и сакаме да ја оствариме целта – до 2030 година Северна Македонија членка на ЕУ, сега е време тоа да се покаже на дело.

За неколку дена во Собранието започнува расправата за потребата од уставните измени и ќе имаме можност да ги соочиме аргументите. Верувам дека низ конструктивна дискусија, во демократска атмосфера, ќе надвладее разумот и ќе ја донесеме вистинската одлука, а тоа е поддршка за уставните измени и продолжување на преговорите со ЕУ.

Лесно е да се вратиме во чекалната на ЕУ, но тоа нема да е од помош за следните генерации. Ни требаат државнички и сериозни одлуки со кои ќе се движиме напред.

ЦИВИЛ МЕДИА