Во неделата, украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше со неговиот француски колега Емануел Макрон за спроведувањето на неговата мировна формула за ставање крај на војната со Русија.

– Разговарав со францускиот претседател Макрон. Позициите беа синхронизирани пред онлајн самитот на Г7 и конференцијата за поддршка на Украина во Париз. Разговаравме за имплементација на нашата мировна формула во десет чекори, соработка на полето на одбраната и енергетската стабилност на Украина – напиша Зеленски на Твитер.

Макрон рече дека тој и Зеленски разговарале за две конференции организирани од Франција во вторник, на кои ќе се разговара за помошта за Украина во текот на зимските месеци и за реконструкција на земјата разурната од војна.

– Украина ќе може да смета на поддршката на Франција онолку долго колку што е потребно за целосно враќање на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет – додаде Макрон.

На самитот на Г-20 во Бали минатиот месец, Володимир Зеленски го претстави својот план од 10 точки за мир со Русија, кој, меѓу другото, вклучува ослободување на затвореници и повлекување на руските војници од Украина.