Новиот експресен пат што ја поврзува Крива Паланка со Деве Баир и останатите делови од Македонија е еден од најголемите и најзначајни инфраструктурни проекти во историјата на североисточниот регион. Ова го вели Љупчо Николовски, истакнувајќи дека со овој проект се исполнува една од клучните визии на претходната Влада за регионален развој.
„Ова е најголемиот капитален проект за североистокот од независноста до денес. Изградбата на овој модерен експресен пат е исполнување на најголемата обврска кон моите сограѓани и идните генерации,“ рече Николовски.
Проектот, вреден околу 100 милиони евра, е реализиран со над 90% завршеност до крајот на мандатот, а вклучува ново и современо поврзување од Крива Паланка до Деве Баир, како и обновување на регионалните патишта од Страцин до Куманово и до Скопје. Дополнително, инвестиции се направени во образовни и спортски објекти, водоводи, системи за наводнување, плоштади и други јавни проекти.
„Овој проект стана врвен приоритет на Владата уште од самиот почеток. Работевме неуморно за да обезбедиме историска поддршка за овој со децении заборавен регион,“ изјави Николовски, нагласувајќи ја важноста на заедничката работа во Владата предводена од СДСМ.
Николовски упати благодарност до сите што придонесоа за реализацијата на овој проект, изразувајќи надеж дека овој успех ќе биде само почеток на уште поголеми дела за развој на Крива Паланка и целиот македонски исток.