Кога ќе влезе човек во колумнистика и почне да се занимава со изнесување на политички ставови, се препоставува дека после извесен број на години, како што искуството во пишувањето налага (ако претпоставиме дека јас имам искуство во пишување?), ставовите нужно добиваат три компоненти.

Едната е когнитивната – што е тоа кое го мислиме (информациите кои ги имаме, од кои извори сме ги присобрале, а потоа на таа основа ние ги градиме нашите ставови); натаму, постои и емотивна компонентна на градење на ставови (поточно како ние се чувствуваме за одредена работа), а постои и мотивациона компонента (што е она кое планираме да го работиме во иднина).

Имено, мојот проблем со денешната влада на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски е нивната (а не моја!) емотивна компонента. Денешната влада на Мицкоски доби неверојатно голем број на гласови на парламентарните избори. Тие гласови ги доби, како „прв поттекст“: „Ние ќе го вратиме името“. Можеби не рекоа така експлицитно, ама целата нарација на опозиционерство ја градеа на оваа премиса, или барем така се исчитуваше во пошироката јавност. Што во дополнителен превод значи дека играа политика на емоции кои немаат никакво упориште во реалноста.

Да почнеме со неколку (a не со сите!) базични факти.

Со години играа политика на етничка карта против најголемата Албанска партија (ДУИ), за, пази богати, во 2 часот и 30 минути по полноќ, некаде во јуни месец, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да направат двотретинско мнозинство и’ ја прошират владата од 20 на 24 министерства.

Другиот случај е Албанската партија „Влен“ која го употребува името Сверна Македонија без никаков проблем – што очигледно ни кажува дека имале сосема различни мотивации од партијата на Мицкоски која, час срамежливо ја изговара придавката „Северна“, а час употребува бесмислени синтагми од типот, „нашата земја“, или „оваа држава“, или „сите заедно ја браниме Републиката“, или (на пример кога ги слушаме личните инвективи на премиерот) „не’ боли, не’ пече“, или „мора да ја прифатиме реалноста“ итн. Третата компонента беа Бугарите. Дрва и камења фрлаа по тие Бугари за, конечно, откако стана премиер, Мицкоски да ни каже, „Бугари во Уставот да, ама ако тоа е последно барање“. Што имплицитно ни кажува, помалку срамежливо, дека можеби во скоро време и тие ќе влезат во Уставот како рамноправен и конститутивен народот со сите останати народи?

Партијата на Максим Димитриевски „Знам“, пак, партија која работеше на отцепување на СДСМ, ниту да писне за овие теми, дури и премолчено ги поддржа овие наративи, затоа што власта и маста се слатки, не мора ништо да работиш, а привилегии на секој први во месецот редовно стигнуваат. Јака политика, признавам! Молчиш и си мастиш, фино и „револуционерно“, да не речам „социјалдемократски“.

Така што, верувам дека приметувате, овде најмалку вирее разум, логика и мотивација (читај, што е она кое во иднина ќе се прави со реформите во образованието, здравството, стопанството, квалитетот на живот на луѓето?); единствено кое го имаме тука е „емотивното пи-ар-чење“ на сите возможни медиуми, како електронски, така и оние со национална коцесија, а редовно го имаме и оплакувањето: изигрувањето на жртва поради „наметнатата придавка“…

Значи влегуваме во целодневни и целомесечни инвективи од емоции кои комплетно ги поклопуваат вистинските ставови, ги заробуваат сите важни теми кои треба да се во интерес и корист на најголем број на граѓани, ако претходно претпоставиме – дури и (нај)утописки – владата е тука за да работи во корист на сите граѓани на оваа држава.

Многу ме повредува и тресењето на зелени (се извинувам, немам посоодветен израз!) на министерката за Образование која ни вели: „претходната владата навистина зголемуваше плати, ама цените на прехрамбените продукти се зголемија до таван“; исто така ме поразува и повредува тоа што владата ги поефтинува тетратките, моливите, фломастерите, поточно владата ги намалува маржите за „Школскиот прибор“. Убаво е тоа, ама уште поубаво би било да ги намалат маржите на прехрана, оти ние луѓето, оние обични и бедни, не доручкуваме, ручаме и вечераме моливи, а уште помалку фломастери, туку нешто кое е многу помеко за нашите заби и нашите мешиња.

Ме поразува и прашањето дали некој ги чита овие мои зборови (?), дали навистина ќе се појави влада која се грижи за овие сиромашни луѓе кои, реално земено, не се зрели за „европски вредности“ (гласовите на изборите не беа за Европа, туку беа против Европа!), па кога веќе е така, би можеле барем да се „најдеме“ како европски луѓе? Или може не треба и’ да јадеме, може треба да јадеме корења, уште тоа не сме го пробале.

Зошто ова го пишувам и зошто мислам дека се’ ова е општествено и „политички“ важно? Затоа што не може да очекувате никаква општествена зрелост тамо кај што според општествена одговорност луѓето не се однесуваат инфантилно и „штреберски“. Затоа што нивното длабоко вкоренето разбирање дека можат и смеат повеќе – а не многу, многу помалку! – од „обичниот човек“ – допринесува за перпетурирање на општествена недораснатост или непораснатост.

Вистинска влада ги намалува основните прехрабрени продукти за трговците да не’ ги дигаат до таван цените; вистинска влада го изговара целосно Уставното име, работи на тоа да ја направи земјата толерантна, да работи на помирување како дома, така и со соседите. Вистинска влада мотивира, посакува критика, дури и плаќа критика, ја бара со боринче критиката… Вистинска влада покачува плати, особено оние плати кои се загарантирани со Колективни договори и оние кои се загарантирани со закон; вистинска влада работи на владеење на право, поттикнува судска власт да ја работи својата работа без посредувања и притисок на Извршната власт…

Тоа е држава, тоа е право, тоа е ако сакате и’ политика. Се’ останато е дилетантизам без граници, популистичко изживување, монументална неодговорност на бахати „пацери“. Се’ останато е „нашата земја“ на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Ставовите на авторот во рубриката Дијалог нужно не ги изразуваат уредувачките политики на порталот.