Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани заедно со заменик-министерот Ѓоко Велковски и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски, го посетија Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во Мојот Свет“ – Скопје, кало дел од активностите во месецот на подигнување на свесноста за аутизмот.
Здружението воспостави дневен центар за млади од 14 до 26 години, со капацитет од 24 корисници, каде поддршката ја обезбедуваат стручни лица и негуватели, како и центар за дневен престој со индивидуален пристап за деца до 14 години, со капацитет до 20 корисници.
Овие услуги се воспоставени преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, кој го спроведува Министерството за социјална политика, демографија и млади со поддршка на Светска банка. По завршувањето на проектната поддршка, предвидено е склучување управен договор со здружението, со што ќе се обезбеди континуитет и одржливост на овие значајни услуги.
Министерот Лимани го посети и Центарот за дневен престој за лица со попреченост и индивидуална работа во Липково, воспоставен од Здружението на родители на деца со аутизам „Блу Пазл“ (Blue Puzzle)во Липково.
По успешниот центар во Гостивар, ова е нивни втор дневен центар кој нуди навистина квалитетни услови и услуги за корисниците. Во Липково, 24 лица имаат можност за дневно згрижување, исхрана, поддршка за лична хигиена и индивидуални активности за развој на животни и работни вештини.
Развојот на социјалните услуги на локално ниво е клучен за јакнење на општините и обезбедување достапна грижа за сите граѓани. Токму затоа, преку управниот договор со Министерството за социјална политика, демографија и млади, обезбедуваме континуирана финансиска поддршка и одржливост на услугите.
Впечатоците од посетите беа дека здруженијата се вистински пример како со посветеност, стручност и човечност се создава безбедна и поддржувачка средина за лицата со попреченост и нивните семејства.
Како Министерство, остануваме силно посветени на унапредување на социјалните услуги, развој на инклузивни политики и создавање општество во кое секој има еднакви можности да живее достоинствен живот.
фото Министерство за социјална политика, демографија и млади
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...
