Соопштение на Левица:
Пратениците на владејачкото мнозинство по втор пат го одбија предлогот на Левица за измени на Законот за виното, со кои ќе се укинеше законската можност откупувачите на винско грозје да ја намалуваат однапред утврдената откупна цена до 8% доколку исплатата ја извршат целосно и во законскиот рок.
Откако претходно ДПМНЕ одби предлогот воопшто да биде ставен на дневен ред како итна точка, сега повторно не обезбеди мнозинство ниту за негово усвојување по скратена постапка. За предлогот гласаа само 13 пратеници.
Образложувајќи го предлогот, пратеникот на Левица, м-р Сашко Јанчев, истакна дека не постои никаква економска или правична логика оваа законска поволност да остане во корист на откупувачите.
„Кога лозарите плаќаат за наводнување, за препарати, за амортизација, за работна рака на берба, никој не им дава цена намалена за 8%, а сите овие ставки се покачени. Хемиските препарати се поскапени од 40 до 60%, работната рака за 20%, ѓубривото за 20%. Од тие причини го поднесовме овој закон – да се избришат тие фамозни 8%,“ истакна Јанчев од собраниската говорница.
Тој потсети дека гроздоберот започнува за неколку недели, поради што Левица инсистираше измените да бидат донесени навреме, за откупувачите да имаат доволно време да ги усогласат своите пресметки со новите правила. Станува збор за едноставна измена – бришење на една законска одредба – поради што предлогот беше поднесен по скратена постапка.
Со повторното одбивање на овој предлог, владејачкото мнозинство уште еднаш покажа дека е подготвено да ги зачува привилегиите на откупувачите, наместо да обезбеди фер услови за македонските лозари. Наместо однапред утврдената законска цена да биде конечна и непроменлива, лозарите и оваа сезона ќе останат изложени на законски дозволено намалување на нивниот приход.
Левица ќе продолжи да се бори за законски решенија кои ги штитат производителите, а не интересите на крупниот капитал и посредниците.