Пишува: Васко Лазаревски за smk.mk
Очигледно е дека ВМРО има стратегија на создавање постојана состојба на стрес и криза во Скопје. Тие на градот гледаат како на алатка за политика и профит, а не како на платформа за создавање политики.
Профитите се во јавните набавки и модифицирањето на големите проекти – БРТ, пречистителна станица на Вардар, тековни набавки, менаџирање со јавни претпријатија. И кога заврши љубовта меѓу Арсовска и ВМРО, заврши и делот со профитите. Има еден трач, повеќе гротеска, за кој сакам да мислам дека е само измислен чаршиски муабет, кој вели дека тиквата пукнала кога требало и набавката на кафе, шеќерчиња и пластични лажички да ја земе некој подобен. Да брцне малку во шеќерот.
Политиката е уништувањето на буџетот, уништувањето на Советот на Град Скопје, сообраќајната и општа блокада на цел град… Арсовска и да беше врвен менаџер како што се претстави во кампањата (а, не е) нема да можеше да се справи со ваква деструктивна кампања. ВМРО има контрола врз управните одбори во сите, или речиси сите, јавни претпријатија кои се под Градот, а тие одбори носат одлуки за сите поважни делови од работата и можат целосно да го истиснат директорот/ката од управувањето со претпријатието.
Очигледно, владата почнува да се ангажира околу некои проекти за кои сметаат дека се битни, како што е подземниот премин на булевар Македонија кој треба да отвори нова сообраќајница за луѓето кои доаѓаат накај Центар од Кисела Вода. Потоа обновата на Универзална сала, улицата кон мостот Михајло Апостолски и некои други. Но, тоа се подолгорочни проекти. Сметам дека за кратко време системот на Градот ќе колабира, дел по дел и ќе мора владата да реагира со преземање на ингеренции, а и обврски. Тоа веќе го бараат се повеќе жители на Скопје, но во исто време ќе биде сериозен удар врз процесот на децентрализација на власта и назадување на процесите кои и без оваа криза не беа на завидно ниво.
Останува прашањето како и каде понатаму? Одговорот на ова прашање не е кај Ленин, темата со блокадата нема да трае долго, а и Ленин не е некој главен играч. Одговорот е кај ВМРО и Арсовска кои влегоа во оваа пресметка, па сега мораат и да ја завршат некако. Не знам кој резултат ќе го сметаат за победа, но очигледно во графата победа не им стои – подобар и пофункционален град.
Друга опција за излез од оваа криза се предвремени избори за Совет на Град Скопје. Е, тогаш, одговорноста е кај Скопјани, што ќе избереме, тоа ќе сркаме.