Интегрален текст од денешната прес-конференција на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ:

Почитувани,

Политичката одговорност која ја ветуваше Мицкоски пред изборите испари откако тој и неговите сопартијци седнаа во фотелјите. Му завршија работа лагите и ветувањата во предизборието, а сега во Владата пее нова песна.

Сите се криви освен тие, сите други се одговорни за состојбите освен финкционерите на власта, сите претходни биле полоши од нив. Ова сценарио на обвинување на претходниците и оправдувања има краток животен век и граѓаните веќе не ги толерираат оправдувањата.

За само два месеци се случија серија скандали на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, а одоговорност нема за никого. ВМРО-ДПМНЕ на големо ја врати неказнивоста која беше главна карактеристика на Владата на Груевски. Прашање на време е кога ќе ни се случи некој нов Диме Спасов кога со апсурни објаснувања ќе се штитат политичарите од власта.

Денес ќе се потсетиме и побараме одговорност уште еднаш за сите скандали кои се случија а кои ВМРО-ДПМНЕ сака да ги сокрие. Одиме по ред:

1.Се случи организирана партиско – политичка акција за пуштање на Рамадани, со дрска злоупотреба на државната граница, државни институции и државни возила.

Наместо оставка од Тошковски, истрага и одговорност од секој, нема одговорност за никој. Нема за началниците на границата, за фатените во злоупотреби во овој мега скандал.

Мицкоски ревносно ги штити извршителите сите до еден. ОЈО се уште молчи. Бараме одговорност и судски постапки за сите инволвирани.

2.Се случи скандал со минување на границата со Косово на сватовите на Гаши со приватни возила и без никаква контрола. Нема одговорност за началникот на граничниот премин, ниту за Тошковски кој го поставил. Нема одговорност ни за Претседателот на Собранието Африм Гаши, Мицкоски вели работел подобро од претходниот. Со смешни аргументи се обидува да го заштити по секоја цена а ветуваше дека секој политичар кој ќе ја злоупотреби функцијата ќе одговара.

Мицкоски да се одважи и да побара промена на Гаши.

3.Загрозена е безбедноста на северната граница. Границата е решето, а Мицкоски го шити шерифот поставен од Тошковски, Наум Рамука, заради партиски дил со ВЛЕН. Ќе има ли одговорност за Рамука или Мицкоски и Тошковски ќе дозоволат да прави што сака на границата со Косово?

Одиме понатаму,

4.На скопскиот аеродром се случи огромен инцидент во кој меѓу другото обезбедувњето на Гаши нападна полицаец, се закануваше со пиштол. Повторно, Мицкоски го штити Гаши, нема одговорност.

6.Безбедноста во државата е влошена. Се случија 8 убиства и обиди за убиства за само шест месеци а само едно расчистено целосно. Нема никаква одговорност од Тошковски. МВР е целосно нефункционална институција и безопасна за криминалците откако ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски ја раководат. Одговорност нема.

8.Изгоре 7% од вкупната територија во Македонија, над 1.500 километри квадартни поради неспособноста на Тошковски и владините институции. Одговорност нема од никого.

9.Десет затвореници избегаа од затворот Шутка. Неспособните Пандов и Тошковски не се разрешени. Никој не понесе одговорност.

10. Пуштени се затвореници осудени за 27 април кои наместо на лекување слободно се шетаат на партиски настани на ВМРО-ДПМНЕ и во друштво на тој што ги пушти, Пандов. Нема одговорност за никого.

11. Нема одговорност за Јанушев кој си лапнал поклон од 325.000 евра. До каде е ДКСК со случајот?

12. Нема одговорност за Сања Божиноска која е фатена во два скандали и која се скри од јавноста мислејќи дека ќе се заборават скандалите поврзани со нејзината работа во приватниот сектот. Одговорност ниту промена на министерката нема.

Нема одговорност за Гаши, за началниците на границата, за министрите, за партиски кадри кои се фатени во криминал.

Мицкоски пропушти шанса на дело да го докаже она што го ветуваше, а тоа е одговорност за сите функционери кои ќе направат злоупотреба на функцијата. За Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е мисловна именка политичката одговоност. Затоа сега кога го гледаме како секој ден најавува нешто и споменува одговорност, нека си ја погледне прво неговата Влада, неговите кадри и неговите скандали.