„Од првиот ден на Владата која јас ја предводам, од јануари 2022 до денес има издадени 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме инсталиран капацитет од 600 мегавати обновливи извори на енергија, што е повеќе од капацитетот на цел РЕК Битола што произведува. Ова постигнување го признаваат и во Светска банка и во Европска банка, само има неколку скептици во земјава не го признаваат ама го преќутуваат бидејќи не можат да го негираат“ рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Цивил“.
Тој додаде дека до 2016 година во нашата држава за целиот мандат на сите претходни влади имаше инсталирано само 16 мегавати обновливи извори на енергија, од соларни централи.
„Факт е дека благодарение на тие 600 мегавати обновливи извори на енергија, денес се снабдуваат со чиста енергија 166 илјади домаќинства во државата. Исто така, поради ова, и поради оваа политика која ја направивме и спроведовме овозможивме враќање на евтината тарифа на електрична енергија од 13 до 15 часот со тоа 1.000 денари месечно заштедуваат домаќинствата. Тоа е работа на една Влада која има јасна стратегија, која има јасна цел и која знае како да ги спроведе стратегиите кои што ги пишува“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека да не беше субвенцијата од државата сметките на граѓаните што ги плаќаат ќе беа дуплирани за електрична енергија.
„Сето ова, успеавме да го реализираме за краток рок, а имаме планови и за среден и долг рок со што нашата држава станува енергетски независна“ рече Ковачевски.