„Ги повикавме сите политички субјекти, граѓански организации и здруженија, активисти, сите кои го поддржуваат европскиот пат и сите кои иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на ЕУ, да се приклучат во Европскиот фронт и да придонесат во остварувањето на стратешката цел на државата. Сите проевропски и прогресивни, демократски сили, без разлика на етничка или идеолошка разлика се добредојдени“ кажа премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Цивил“.
Тој додаде дека овој фронт се формира по иницијатива на СДСМ и е всушност продолжение на проевропската политика која ја води СДСМ и коалицијата.
„За тоа кој ќе биде дел од таа проевропска коалиција, со оглед на фактот што истата е отворена и се очекува да биде најширока можна, можам да кажам дека јас очекувам сите прогресивни сили кои сакаат оваа земја да ја видат како се движи напред да се приклучат“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека прерано е да се зборува дали тоа ќе бидат формални предизборни коалиции, но она што е важно е обединување по однос на вредностите кои се застапуваат.