„Планот за раст е најконкретната политичка порака од Европската Унија, дека ја очекува Северна Македонија во европското семејство, во амбициозниот и достижен рок до 2030 година“ рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Цивил“.
Тој додаде дека Планот е конкретна финансиска поддршка за доближување на македонската економија кон нивото на економиите на европските земји и за унапредување на македонскиот животен стандард и квалитет на живот кон европскиот.
„Овој европски инструмент за поддршка на реформите и развојот на Западен Балкан е во висина од 6 милијарди евра, за периодот 2024-2027 година. Се состои од 2 милијарди евра грантови и 4 милијарди евра концесиски заеми. И од нив, близу 1 милијарда евра може да користи Република Севрена Македонија“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека заедничка цел со ЕУ е до април 2024 година да се направи првиот трансфер на пари кон Северна Македонија и другите земји од регионот.
„Ова значи дека ако продолжиме со реформите и со процесот на интеграција, првиот трансфер од новиот пакет ќе го имаме за четири месеци од сега“ рече Ковачевски.