„Јасната дистинкција по прашањето на евроинтеграциите е многу важна сега. Граѓаните имаат право и треба да знаат која партија или политички чинител што има во план за наредниот мандат. Каков план има за тоа каде ќе биде земјата по наредните 4 години. Тоа е многу важно прашање затоа што од тоа зависи иднината на државата и иднината на граѓаните“ рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Цивил“.
Тој додаде дека видовме што се случи кога ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта и после тоа следуваа 11 години изолација.
„Тогаш бевме заедно со Хрватска и дури и предничевме, а денеска Хрватска е членка на ЕУ, а ние сме со отпочнати преговори со ЕУ. Многу години и многу генерации изгубени. Тоа не смееме да го дозволиме да се случи пак“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека со ВМРО-ДПМНЕ нема иднина и членство во ЕУ ниту за 100 години, што јасно го потврди и самиот лидер на опозициската партија.
„Самиот потврди дека тие немаат намера да го продолжат европскиот пат. Како што кажа тој, ‘може да бидат и сто години’ а ‘можеби и никогаш да не биде’. И затоа е јасно дека доколку ВМРО ДПМНЕ ја преземе власта, државава е осудена на изолација, иста каква што гледавме 11 години, со тоа што последиците сега ќе бидат несразмерно поголеми и на штета на граѓаните“ рече Ковачевски.