„Видовме 11 години како функционира ДПМНЕ. Ја поделија државата по сите основи, ја уназадија до степен што едноставно некои работи беше и невозможно да се поправат во брз рок. Убеден сум дека тие ќе продолжат со поделбите по сите основи и ќе продолжат со националистичките наративи ако дојдат на власт. Едноставно затоа што не знаат ништо друго“ рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Цивил“.
Тој додаде дека националистички наративи се секогаш резервирани за оние како нив, кои немаат што друго да понудат, кои немаат ниту визија, ниту идеја, ниту програма за работа.
„Граѓаните и на последното појавување во јавност на Мицкоски можеа да видат со каква радост зборуваше тој за времињата кога неговот шеф беше премиер. Кога се трошеа пари за стиропори, споменици и жални врби, време во кое се затвараа телевизии и весници, а новинарите и медиумите генерално беа во исклучително тешка ситуација, без слобода на говор, кога се измислуваа војни за да се држи тензија и да се остане на власт…“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека нема дилеми дека доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде до власт ни следува враќање назад како држава и враќање на тоа мрачно време.
„Нема никаква разлика од ова ДПМНЕ со она на Груевски, за жал никогаш не расчистија со тоа нивно минато, од проста причина што тоа за нив беше врвот во владеењето, израз на апсолутна моќ на партијата врз државата, без да се има предвид што граѓаните сакаат и каде треба да се движи државата“ рече Ковачевски.