„Пред повеќе од една година започна интензивната комуникација, проследена со неколку барања и писмо за намера до Градоначалничката на Град Скопје и конечно успеавме, после неколку месеци од донесувањето на Одлуката на Советот на Град Скопје, да постигнеме договор за пренесување на правото на реконструкција“ рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во интервју за „Фронтлајн“.

Таа додаде дека Министерството за култура инсистирало на договор кој во целост ја почитува Одлуката на Советот на Град Скопје, за поефикасно спроведување на постапката.

„Затоа веднаш по усвојувањето на информацијата го потпишав Договорот и веќе е во Град Скопје. Верувам и очекувам уште утре градоначалничката да го потпише и да го достави заедно со целата документација за да започнат градежните активности на објектот. Тоа е во интерес на граѓаните и културата. Европска престолнина на културата за 2028 треба да има европска Универзална сала и да докажеме дека заслужено Скопје е носител на оваа престижна титула“ рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката додаде дека по доставување на документацијата, Министерството за култура веднаш ќе започне со интензивна работа и активностите ќе започнат уште месецов, за напуштеното градилиште да не продолжи да пропаѓа пред очите на скопјани и да не претставува безбедносен ризик за нив.

„Сакаме и ќе го вратиме сјајот на Универзална сала која беше културно собиралиште на Скопјани и симболот на светската солидарност кон Скопје“ истакна Костадиновска-Стојчевска.