Вториот пензиски столб е дел од пензискиот систем во Република Северна Македонија и се заснова на индивидуални сметки на осигурениците на кои се акумулираат и инвестираат средства за остварување на пензиските права. Со постепеното созревање на системот, се зголемува бројот на корисници кои остваруваат право за исплата на пензија од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.

Висината на исплатите од индивидуалните сметки зависи од повеќе фактори, особено од периодот на членство во вториот пензиски столб, висината на уплатените придонеси, наплатени надоместоци,акумулираните средства на индивидуалната сметка, остварените приноси од инвестирањето, како и од избраниот начин на исплата, согласно законската регулатива.

Во продолжение е прикажана анализа на тековните пензионери од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, со пресек на 30.06.2026 година.

Корисниците се анализирани во две основни групи:

  • корисници со минимална пензија, кај кои дел од средствата потребни за достигнување на минималната пензија се обезбедуваат од индивидуалната сметка во вториот пензиски столб;
  • корисници над минимална пензија, кај кои исплатата од индивидуалната сметка во вториот пензиски столб резултира со износ над минимална пензија.

 

Вкупни показатели за корисниците кои остваруваат исплата на пензија од вториот пензиски столб

Со пресек на 30.06.2026 година, вкупниот број на корисници кои остваруваат исплата од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување изнесува 147 лица.

За овие корисници е исплатен вкупен нето износ од 1.452.089 денари, при што просечниот нето износ по корисник изнесува 9.878 денари.

 

Просечниот пензиски стаж изнесува 22 години, а просечната пензиска основица 38.880 денари, што претставува основа за согледување на профилот на тековните корисници.

Корисници со минимална пензија

Во категоријата корисници со минимална пензија се опфатени 113 лица, со вкупна нето исплата од индивидуалните сметки во износ од 1.149.023 денари. Од нив, 75 корисници остваруваат месечна исплата над 8.000 денари, додека 38 корисници остваруваат исплата од 4.001 до 8.000 денари. Просечниот нето износ на исплата кај оваа група изнесува 10.168 денари, при просечен пензиски стаж од 21 година и просечна пензиска основица од 27.003 денари.

 

Корисници  над минимална пензија

Во категоријата корисници  над минимална пензија се опфатени 34 лица, со вкупна нето исплата од индивидуалните сметки во износ од 303.066 денари. Од нив, 12 корисници остваруваат исплата над 8.000 денари, 7 корисници над 16.000 денари, додека кај 5 корисници исплатата е над максималниот износ. Просечниот нето износ на исплата изнесува 8.914 денари, при просечен пензиски стаж од 25 години и просечна пензиска основица од 81.762 денари.

 

Клучни согледувања од анализата

Според анализираните податоци најголемиот дел од корисниците се лица кај кои исплатата од вториот пензиски столб учествува во обезбедувањето на минималниот износ на пензија. Нивното учество во вкупниот број на корисници е 77% со пресек на 30.06.2026 година(за 113 корисници од 147 корисници).

Овие податоци покажуваат дека средствата акумулирани во вториот пензиски столб имаат значајна улога кај корисниците со минимална пензија, при што дел од средствата за обезбедување на минималниот пензиски износ се обезбедуваат од индивидуалните сметки во вториот пензиски столб, со што се намалува потребата за обезбедување дополнителни средствата од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија.

 

Просечниот пензиски стаж на корисниците со минимална пензија изнесува 21 година, просечниот пензиски стаж на корисниците над минимална пензија изнесува 25 години, додека просечниот стаж на сите корисници изнесува 22 години. Ова укажува дека кај тековните корисници периодот на членство во вториот пензиски столб бил пократок во однос на периодот  кој би овозможил подолга акумулација на средства.

 

Една од основните карактеристики на капитално финансираното пензиско осигурување е дека подолгиот период на членство овозможува акумулирање на поголем износ на средства на индивидуалната сметка и подолг период за оплодување. Тоа се должи на континуираните уплати на придонеси, остварените приноси од инвестирањето и нивната понатамошна капитализација, што придонесува за постепен раст на средствата во текот на периодот на членство.

Корисниците опфатени со анализата се лица кои самостојно донеле одлука за продолжување на членството во вториот пензиски столб, што го потврдиле со потпишување Изјава за продолжување на членството.

 

Податоците за пензиската основица даваат информација за висината на која се врши пресметката на пензиите и даваат информација за висината на платата која ја остварувале корисниците на пензија.

 

Анализата обезбедува сеопфатен увид во бројот, структурата и карактеристиките на тековните корисници на пензија од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување. Истовремено, таа ја прикажува улогата на вториот пензиски столб во обезбедувањето пензиски надоместоци од индивидуално акумулирани средства и претставува основа за континуирано следење на развојот на системот.

 

извор МАПАС