Децата го гледаат тоа што ние го правиме, ние возрасните. Да вклучат било кој канал особено во предизборна кампања може да видат луѓе со титули м-р или д-р кои употребуваат насилна комуникација. Тие може да го вклучат собранискиот канал каде што можат да видат авторитети кои користат насилна комуникација, а тие се нивни модели. Јас не го вперувам прстот во децата бидејќи тие имаат одговорност во зависност од нивната возраст, меѓутоа дефинитивно имаат недостаток на позитивни модели со кои би се идентификувале на поинаков начин, вели Владимир Караев, претседател на здружението на граѓани РУБИКОН, во интервју за ЦИВИЛ Медиа, на тема врсничкото насилство и како да се справиме со тоа.
Тој вели дека ние имаме дисфункционален систем, и дека кај нас затајува детекцијата, односно навременото забележување на несоодветно однесување на детето, со тоа и навременото справување.
„Ако системот не реагира, тогаш реагираме кога имаме „пожари“, а кога имаме „пожари“ нè фаќа паника и не знаме како да се справиме со ситуацијата, и наместо кофа со вода, во огин фрламе кофа со бензин. Нашиот главен спорт е пожарникарството, ние не знаеме да работиме на превенција“, вели Караев.
Тој додава дека лесно може да се најде ладно оружје (ножеви, боксирачи, пенрраци) кои се продаваат на тезга и им се достапни на децата..
„Покрај тие тезги со ладно оружје поминуваат полицајци, а истовремено има кампања против тоа, за мене тоа е демагошки пристап. Децата тоа го гледаат дека лесно може да набават ладно оружје. Со тоа се покажува дисфункционалноста на системот и ги амнестира децата од одговорност за нивните однесувања. Затоа прстот го вперувам кај нас возрасните бидејќи децата се конзументи на тоа што им го сервираме“, вели тој.
Караев вели дека тимот на РУБИКОН е автор на две програми кои преку Министерство за образование и Бирото за развој на образование учествува во едукација на основните училишта со две програми, едната е за конфликти со учениците и меѓу учениците, и другата програма е за врсничко насилство и сајбер насилство. Во основното образование ќе трае три години.
Караев вели дека институциите мора да преземат дејствиа и да побараат одговорност.
„Тоа ни фали нас, тука доцниме, ние веќе сме задоцниле кога децата доаѓаат во конфликт со законот бидејќи тој пат е доста долг…“, вели тој.
Тој заклучува дека возрасните се модели на децата, и мора да се потпреме на превенција за да не дојдеме до пожари.
Дехран Муратов
Извор: Civilmedia.mk