Избори: Кој кого казни и зошто не?
Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Резултатите од европските избори покажуваат најмалку две работи што, ако се изговорат едно по друго, изгледаат контрадикторни, но не се.
Големо мнозинство граѓанки и граѓани сакаат Европа да остане демократска, силна и стабилна, значи, да остане нормална. Демократските партии на центарот остануваат во големо и убедливо мнозинство. Тоа е добрата вест.
Но порасна бројот на оние што сакаат Европа да се затвори во себе, да биде „чиста, горда и наша“ и со неа да владее „цврста рака“ и… да се распадне, евентуално. Тоа е лошата вест, а уште полоша е што дел од разликата (5%) ја направија оние што порано гласале за социјалдемократите, демократите и зелените. Тоа најостро се манифестира во Германија и, на малку поинаков начин, во Франција.
Општо земено, Европа останува демократска, отворена кон нови членки, стабилна, обединета во помошта за Украина, слободна…
Каква штета за изборните победници во нашата земја! Сега немаат аргументи за стопирање на евроатлантските интеграции, а некој однадвор да биде виновен за тоа. Ќе мора непријателите да се бараат само внатре, дома. Тоа нема да биде тешко, листите за стрелање, палење и бесење се познати од времето на груевизмот.
Да ѝ се вратам на Европа, поинтересна е.
Читам, некои критичари велат дека прогресивните политички опции изгубија гласачи поради „недостаток од визија“. Дека европските гласачи (дополнителни 5% од нив) ги „казнија“ политичките партии што се центар-лево на политичката арена.
Give me a break!
Навистина, ако се погледне македонската политичка џунгла, тоа може да биде и речиси точно. Но таквата констатација е само делумно точна кога се работи за земјите со најразвиена демократија. Поважно е едно друго прашање… На кој тоа начин се „казнуваат“ прогресивните сили во Европа со давање глас за ултрадесничарите и неофашистите? Тоа изгледа повеќе како самоказнување. Токму така, гласот им го дадоа на тие што во основа се структури што сеат поделби, поларизација и сегрегација. Уште повеќе – дел од тие „патриоти“ се обожаватели и соработници на злосторникот од Кремљ. Како тоа е „казна“ останува големо и тешко прашање.
На овие прашања треба да си одговорат и гласачите во „нашата земја“ како што ја нарекува Јагода.
Што се однесува до „прогресивните“ партии во „нашата земја“ – тие не го положија тестот на историјата. Повеќе сакаа да живеат „во моментот“ – некои се трудеа / трудат да бидат поголеми патриоти од патриотите (читај: националистите), а другите, едноставно, ги напуштија демократските и прогресивните вредности, како да се нешто од што треба да се срамат. Бог нека ги благословува сега…
Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Текстот е личен став на Авторот
Извор: ЦИВИЛ МЕДИА