Историската посета на претседателката на Република Индија, Друпади Мурму на Македонија отвора ново поглавје во односите меѓу двете држави, со особен акцент на економската соработка, инвестициите и поврзувањето на бизнис-заедниците. Првата билатерална посета на индиски претседател по воспоставувањето на дипломатските односи е јасен сигнал дека Њу Делхи го гледа Скопје како партнер со потенцијал за понатамошно продлабочување на соработката.
Посетата не беше само дипломатска средба, туку и економска платформа. Во рамки на престојот во Македонија беше одржан Индиско-македонски бизнис форум, на кој беа присутни претставници на двете бизнис-заедници. Индиската претседателка посочи дека економската и трговската соработка се еден од најважните столбови на билатералните односи и дека постои простор за нејзино значително проширување преку конкретни деловни проекти.
Токму тука се отвора можноста за нов инвестициски циклус. Индиските компании сè повеќе бараат можности за глобално проширување, а Македонија може да биде интересна поради својата географска положба, поврзаноста со европските пазари и можноста за производство и извоз кон Европската Унија.
За индиските бизниси, Македонија може да претставува порта кон европскиот пазар мала, но стратешки поставена економија која може да понуди услови за нови инвестиции, производствени капацитети и деловни партнерства. За домашната економија тоа создава можност за нов капитал, нови работни места, поголема извозна активност и поврзување на македонските компании со глобалните синџири на снабдување.
Важноста на посетата дополнително се гледа преку економската сила на Индија. Станува збор за една од најголемите светски економии, со бруто-домашен производ од околу четири трилиони долари и една од највисоките стапки на раст меѓу големите економии. Според Светската банка, индиската економија бележи раст од 7,6 проценти, а се очекува и понатаму да остане меѓу најбрзорастечките економии во светот.
Индискиот економски успех во голема мера се темели на силен извоз, особено во секторите на информатичките технологии, деловните услуги, индустријата и производството. Според проценките на меѓународните финансиски институции, извозот на услуги е една од најголемите предности на индиската економија, што покажува дека индиските компании имаат искуство во глобално поврзување и освојување нови пазари.
Влезот на индиски компании во Македонија би можел да има пошироки ефекти од самата инвестиција. Освен директните работни места, можни се и нови можности за домашните добавувачи, трансфер на технологии, развој на нови индустрии и зголемување на конкурентноста на македонската економија.
Посетата има и поширока стратешка димензија. Во период кога Индија ја зголемува својата економска и политичка улога во светот, присуството на Македонија во нејзината меѓународна агенда е можност земјата да биде дел од новите глобални економски текови.
Секако, вистинскиот ефект ќе зависи од тоа колку брзо политичките пораки ќе се претворат во конкретни бизнис-договори. Но, самото отворање на економскиот дијалог со една од најголемите светски економии создава можност за нови инвестиции, поголем извоз и посилна позиција на Македонија како регионална дестинација за бизнис.
Видеото од индиските медиуми може да го погледнете тука.