Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Да бидам искрен, ја чувствувам таа атмосфера на пропаѓање, ги гледам тие траги на минатите времиња, улици по кои чекориш и, ако само за момент не внимаваш, можеш да си ја скршиш ногата… Добро, на извесен начин мене тоа ми се допаѓа затоа што ги читам како траги од минати времиња, а од друга страна, интенционално е во спротивност со призорите на земјата во која живеевме порано и земјата во која живееме денес. Северна Македонија, денес, е далеку подобра земја од она што беше.

Ама!

Северна Македонија денес е земја на песимизам. Таквиот наратив доаѓа најчесто од десниот табор: се шири страв од сè и од сешто, страв од економска и семејна пропаст, страв од труење на македонскиот јазик, страв од антифашизмот – страв од сè за кое цивилизираниот и прозападен свет се повикува како своја лична вредносна норма. Северна Македонија денес се обидуваат да ја претворат во мрачна земја, а ако ја читате „десната“ елита и ако ги слушате зборовите кои ги изрекуваат во јавноста, ќе видите дека таквите зборови го преминуваат разумот и добриот вкус.

Во оваа земја не е срамно и непристојно да се биде фашист, да речеме. Не само што не е непристојно, дури тоа уште може да значи и препорака за напредок на работа, во партија или во општеството. Фашистите никој не ги задева, затоа што фашистите, се претпоставува дека се „добри и големи Македонци“. Фашистите, и за тоа се претпоставува, дека ја „штитат Македонија за да не ја голтне неокомунистичката аждаја“, да не ја уништи Дарвин со својата теорија на еволуција.

Зарем ви треба поголем пример од примерот на тој опскурен Апасиев? Зарем ви треба поголема потврда од пораката што ја испраќаше од Собраниска говорница пред некоја ден: „Ќе висите заедно“? Што е тоа ако не е фашизам? Или вие мислите дека тоа е поза, манир, хипстерај? Или може вие мислите дека така работи „антиестаблишментската ‘левица’“? Погрешно мислите. Тоа во изворно значење се вика фашизам.

Овие денови, ужасно тупаво се вреска против Уставните измени, ужасно бесмислено се плука против сè што произведува некаква содржина и некаква смисла. Човек има впечаток дека артикулацијата во јавноста е како некоја воена вежба за некоја идна војна. Тоа што на едните фашисти им е Русија и, најново, Орбан, тоа е начинот и на кој ја гледаат и својата земја, а богами ја гледаат и Европа.

Европа, меѓутоа, е нешто друго. Тоа е простор доволно широк и простран така што секој може да мрази кого сака, и уште да очекува за тоа да биде платен. Европа, во нивните глави, во главите на крајната десница и крајната левица е татковина на оној норвешки лудак Брејвик што ги уби сите оние деца, само заради тоа што припаѓаа на некаква социјалдемократска младина.

Во оваа земја, пак, денес, мене сè ми личи на дезорганизирано, стихијно, во ентропија, барем кога се однесува до изговорените реченици во јавноста. Инаку, што се однесува до мене, не сум бил никогаш депресивен, во некоја клиничка смисла на зборот. Јас сум повеќе мрзлив, недружељубив, а понекогаш бесен, или резигниран. Ама депресивен не сум. Штом ќе свртам главата на друга страна, јас се расположувам. Само понекогаш ме боли вратот од толкаво вртење.

Синоќа, пак, го слушнав премиерот Димитар Ковачевски од некаков одбор во партијата. Човекот ја врти земјата на Запад, со право. Разбира дека мала земја како нашата мора да биде ставена под заштитен чадор, од една страна на НАТО, од друга страна на Европа и САД. Секој паметен и разумен политичар, во денешните премрежја, така би постапил. Затоа што тоа е добро, затоа што тоа е разумно, и затоа што тоа е извесно. Сè друго е играње со животите не само на овие генерации кои денес живеат во оваа земја, туку е и играње со животите на генерациите кои допрва треба да се родат.

Видете, драги мои, Апасиев е заводлив во својата демагогија, во својата лигавштина и дволичност, препреденост и преплет на личните и кобајаги „национални интереси“. Во конечноста, и Мицкоски и Апасиев се далеку неуспешни личности кои, верувајте ми на збор (бидејќи немам со што друго да ви ветам), нема да ги остварат своите мрачни проекти: Македонија нема да ја претворат во османлиско-сталинистичка сатрапија според Орбанов-унгарски модел.

Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: Frontline