Советот на Град Скопје на денешната седница ја усвои одлуката за меѓуопштинска соработка со општините Кисела Вода и Шуто Оризари, со што се создаваат услови за реализација на повеќе значајни инфраструктурни проекти насочени кон подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Во општина Кисела Вода ќе се реализира проектот за пробивање и продолжување на улицата „Димо Хаџи Димов“ до кружниот тек. Со ова се овозможува подобро сообраќајно поврзување, зголемена безбедност на сите учесници во сообраќајот, намалување на сообраќајниот метеж и создавање современо инфраструктурно решение за овој дел од градот.
Продолжувањето на улицата „Димо Хаџи Димов“ претставува важен чекор кон подобрување на урбаната мобилност и исполнување на обврските преземени пред граѓаните на Кисела Вода.
Истовремено, започнува реализацијата на неколку капитални инфраструктурни зафати во општина Шуто Оризари. Предвидена е санација на улицата „Македонско-косовска бригада“ 38, санација на главната улица во населеното место Горно Оризари, како и санација на улица „37“ со изградба и унапредување на водоводната мрежа.
Овие проекти претставуваат конкретен одговор на долгогодишните потреби на жителите на Шуто Оризари и значат подобри услови за живот преку изградба на квалитетна инфраструктура, побезбедни улици и сигурно водоснабдување.
Град Скопје останува посветен на рамномерниот развој на сите општини и населени места, со фокус на реализација на проекти кои носат конкретни придобивки за граѓаните. Политиката на рамномерен развој подразбира еднаков пристап кон инвестиции во сите делови на градот, без запоставени населби и без разлика на нивната местоположба.
Во наредниот период следува реализација на нови инфраструктурни проекти во повеќе скопски општини, со цел создавање подобри услови за живот, поквалитетна инфраструктура и современ урбан развој за сите граѓани на Скопје.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...