Град Скопје, преку јавната установа Универзална сала, објавиле повик за формирање Здружението за имплементација на проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028“, со спорните услови кои подигнаа прашина меѓу културните работници, но и невозможно краток рок, објави „Трн.мк“.
Како што пишува во текстот објавен на „Трн.мк“, рокот за повикот е невозможно краток, од само пет дена, ставајќи ги под притисок потенцијалните апликанти и предизвикувајќи дилеми за транспарентноста и искреноста на целиот процес. Со оглед на меѓународниот карактер на повикот, ваквото ограничување изгледа уште понеразбирливо и потенцијално испраќа негативна порака кон експертите од земјите на Европската Унија кои можеби би сакале да учествуваат.
Како друг спорен момент е барањето за поседување на сертификати за англиски јазик, кои се построги од оние што обично се бараат за административни позиции, а не за улогите предвидени во проектот, поради што се отвора прашањето за приоритетите на Град Скопје и дали фокуст е на привлекување на квалитетни експерти и невладини организации или намерно се поставени ограничувачки формалности за да се намали кругот на тие кои ќе може да аплицираат.
-Станува збор за сериозен повик кој е насочен кон формирање на нов правен ентитет и назначување на експерти кои би биле одговорни за развој и имплементација на програма на еден од најдолгорочните и најголеми европски проекти преку кои треба да се продуцира позитивна промена во полето на културата и во квалитетот на живот на граѓаните. Во таа насока ваков тип на повик треба да подразбира јасно дефинирани критериуми, подетални информации за условите и начинот на работа и соодветен рок за аплицирање, кој во овој случај е краток. Рокот подразбира реално време за обезбедување на бараните документи, но и време за соодветна промоција на повикот во локален и Европски контекст. Само така градот ќе се покаже интерес дека целта на повикот е да се овозможи негов досег до поголем број на професионалци и организации со соодветните компетенции и знаење кои би биле заинтересирани да одговорат на повикот, вели за „Трн.мк“ Виолета Качакова, културна работничка која беше дел од тимот која ја подготвуваше апликацијата за „Скопје европска престолнина на културата“.