ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Јасно е дека американската амбасадорка Aнџела Агелер има право да реагира на она што се случува во една земја која е НАТО партнер и како држава која е под на постојано набљудување во областа на остварувањето на правата, каде правосудниот систем во најшироката смисла има централно место. Амбасадорката истакна без двоумење дека се вложени силни средства во обука и подготовка за реформи на правосудните фактори во сите домени (би ги исклучиле тука, се разбира адвокатите, на кои им се добри и „старите школи“), но дека тоа не дало соодветни резултати.
Доверба од осум отсто
И нејзината претходничка, Брнз, на крајот на март, на една меѓународна конференција посветена на судството, а повикувајќи се на истражување на Евротинк, истакна дека само 8 отсто од граѓаните му веруваат на судството и порача дека доколку се сака да се поврати таа доверба „судството треба да биде ефикасно, независно и да го спроведува законот подеднакво за сите“.
Впрочем Агелер, која е сега по втор пат на Калето, откако еднаш службуваше на пониска функција и во говорот пред Сенатот, а во врска со нејзиното именување во земјава за амбасадорка истакна дека „САД и Северна Македонија делат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрување на владеењето на правото и зајакнување на доброто владеење. Ако бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност, да ги истражат наводите за злоупотреби и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето“.
Чисто и јасно е повторено значењето на третата власт кај нас, дури и поставено од страна на амбасадорката Агелер како врвен приоритет, по што следуваше онаа нејзина изјава од разочараноста по изборот на шеф на обвинителството за борба со криминалот и корупцијата – Ислам Абази.
Со малку помеки изјави, но со исти заклучоци, излегоа и од холандската амбасада и од претставништвото на ЕУ во земјава. И уште како потврда на вџашеноста од настаните околу овој избор беа на врвот, како капак дојде следниот избор за прв човек на Вишото скопско обвинителство што замириса на скандал во продолженија, со повлекувањето на секако најпозната за јавноста кандидатка Фатиме Фетаи од трката по ова место.
Притисок да остане стариот вршител на должноста, кој беше кандидиран? Ова секако доаѓа оттаму што од претходната постапка се знаело дека таа има најголем број на освоени бодови и веќе се сметала дека „прва ќе мине низ целта“.
Советот на обвинители не се виде во критиката
Секако, нема оправдувања за внатрешните политички фактори кои папагалски ги повторуваат констатациите на амбасадорката, која сепак реакцијата ја стави и од позиција на набљудувач и како непобитен ктитор на реформите во правосудството. Дали тоа не може да го види токму оној кој одлучува во спомената постапка – првиот во Советот на обвинители, Антонио Јолевски, кој смета дека критиката на амбасадорката Агелер се однесувала на политичката власт (!).
Но, токму тој, по спорниот избор, изјави дека на избраниот „треба да му дадеме шанса“, во стилот „што било – било“, што како штафета ја прифати и министерот за правда, од кого со право се очекува да биде поенергичен демонстратор на правната држава! Меѓу видливите виновници за состојбата во третата власт се и другите чинители, како на пример од ВМРО-ДПМНЕ, на чело со пратеникот Антонио Милошоски, кој со своето бојкотирање на многу тековни работи во Парламентот, во име на својата партија, сакаше да го урниса Уставниот суд (откако започнаа да се пензионираат нивните судии).
Ако сега, на овој случај околу изборите погледнеме откако ќе се оддалечиме од метата на темата, може да заклучиме дека кадровската перестројка кај обвинителите започна со судирот меѓу Вилма Русковска и шефот на финансовата полиција Арафат Муареми, што на некој начин ја поремети структурата во понудата на кандидати за нејзина замена!
Оваа слика веројатно може како прв чин на драмата да се промени откако ќе дојде и следниот, можеби последен чин – владината рокада по која ДУИ посакува да го добие и Министерството за правда! Сето тоа секако побудува заклучок за еден подлабок и посеопфатен партиски апетит, кога е третата власт во прашање.
Флоскулата „да му дадеме шанса“
Да појдеме најпрво од изборот на шеф на обвинителите кои се бават со гонење на организираниот криминал и корупцијата. Случај кој е само повод за реакцијата од Калето. Маните на истата процедура е видлива и оддалеку за сите, освен за оние кои велат да „да му дадеме шанса“ на новоизбраниот раководител на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупцијата. Тоа е практично опортунизам во старт. Да речеме и – старт без јавна поддршка. За изборот се говори по улиците, меаните, во тв дебатите, веројатно и на некои поофицијални места (добро е ако е тоа така), но таа кадровска рокада покажа многу работи.
Најпрвин, дека целата онаа обука што странскиот фактор ја правеше во правосудството со децении наназад, не даде како плод да имаме, пред сè, храброст за натпревар во својата струка, што е нешто природно и кое одразува сигурност во својата обученост и знаење, бидејќи, некогаш неамбициозноста е само некаков манир на просто „отслужување на воениот рок“.
Ова може да се изрази и како дилема кај поголем дел од обвинителите (беа 163 на број) да не се јават како противтежа на кандидатурата на Русковска, која пак имаше пех во стартот со покрената постапка против неа и суспензијата која ја имаше, што воопшто не е наивна работа. Особено што не се јавија оние обвинители кои се најчесто пред камерите, во судење на најкрупните случаи. Па и нивниот „ореол“ не е многу видлив.
Ефектот на негативната селекција
Но оваа одговорна позиција е секако израз на еден нов момент кој влијае на храброста на обвинителите да се прифатат на одговорни позиции – тоа е негативната селекција која постојано се врши во општеството, а секако и во правосудството во поширока смисла, па имавме случаи кога јавноста реагираше на избор на некои од обвинителите кои влегоа во составот на СЈО, ама пак и обратно, кога оние кои беа успешни во тоа Обвинителство беа спречени во нивниот обид да најдат позиции по затворањето на истото, што ќе бидат соодветни на нивното искуство!?
Јасно е и зошто – оние во главната фотелја, на која и да се позиција во правосудството, не сакаат околу себе да гледаат умни и креативни лица, конкуренти, туку само послушници, кои пак лесно се вклопуваат во партиските машинерии како на патерица, со што го добиваат одредувачот кој ќе ги води нагоре, со лифтот на социјалната пропустливост. Како што спомена колегата Маглешов, веќе струи во јавноста теоријата (произлезена и од политичари и од професори) дека најголем дел од активните обвинители во земјава, оние кои гласале се избрани во раните години на минатата деценија (меѓу 2010 и 2012 година) и дека си го носат партискиот белег на тогашната коалиција (ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ). Ова го објаснува и исходот од гласањето за Абази, каде без програма, па дури и биографија практично се гласало за – име. Кое е очевидно дошепнато.
Од извештаите за работа на гостиварското обвинителство, од каде доаѓа Абази, стојат забелешки и за 2019 година, но и за две години потоа – овој раководител не покажал посебни издвојувања во работата. Напротив, има многу заостанати предмети, нема изречено никогаш мерка – заплена на имотот и слични замерки, а тоа е констатирано и од Советот за обвинители! Ништо не укажува на посебна издвоеност на избраниот. Во најмала рака.
Прашањето за начинот на досегашниот начин на избор и понудениот квалитет и во обвинителството и во судството, јасно се покажа и на примерот со изборот на Катица Јанева за прв човек на институцијата која требаше да го врати угледот на правната држава.
Како финален резултат на политичкиот процес „Пржино 2“, со огромен напор на меѓународниот фактор Јанева стана прифатлива и за власта (Груевски рече „да“), веројатно и за тогашната опозиција, а новинарите утерото по изборот, на 15 септември 2015 година се прашуваа меѓу себе по кафулињата – која е оваа обвинителка? Она што во тој миг делуваше охрабрувачки, не во голема мерка за да ѝ даде особено силен „ветер во грбот“ е фактот дека таа минала во некаква обука во Италија за борба со мафијата, како дел од она што мисли амбасадорката Агелер – во која е вложено за да се добие очекуван резултат.
Tabula rasa како предност
Тука не се проблем учителите, туку квалитетот на човечкиот материјал на оние кои се испратени на обука. Понекогаш се мисли дека е добро ако се работи за луѓе без петно во биографијата, но лошо е ако таа биографија е малку празничка, ако се работи за кадар кој е неискален во некаква борба со криминалот! Јанева била една од оние кои имале родител кој ги протежирал во струката и првата работа ја добила – кај тате, во гевгелиското обвинителство.
Кај странците, очевидно, преовладува она дека лицата без некакви кариерни обележја, како своевидна tabula rasa се деидеологизирани, „чисти“ за натамошна надградба, што е повеќе од честа замерка за начинот на кој оние однадвор се определуваат за одредени лица кои би биле на одговорни позиции.
Низ примерот на Катица Јанева се виде дека кај нас влијанието на полит-мафијата лесно го крши привидот на „нескршливите“ (идиом за борците против криминалот како Елиот Нес, на пример) и дека сè е како во онаа босанска шега од типот „има свега – нема довољно марака“ кога се објаснува зошто некои неспоиви со моралот појави некаде ги има, а некаде и не.
СЈО исфрли добри процеси и не беше праведно што практично горе-долу сите други обвинители настрадаа после дебаклот на Јанева, која е сега во затвор. Дури паднаа во некаква кадровска немилост токму оние кои тоа никако не го заслужија, како Фетиме Фетаи и Ленче Ристоска. За разлика од некои помалку експонирани во гонењето на организираниот криминал кои лесно се сместија во старите канцеларии, тие беа како во изолација.
Кандидат без програма
Новинарот Васко Маглешов од „Призма“ смета дека странците вршат мониторирање на судењата, но не и на состојбите во обвинителствата. Дарко Аврамовски, директор на Коалицијата за праведно судење тврди дека процесот на избор за кого се говори не бил доволно транспарентен. Тој рече дека биографските податоци за кандидатите за првото место во Обвинителство за борба против организираниот криминал и корупцијата не биле јавно достапни.
Исто важи и за нивните понудени програми, со тоа што победникот во трката, обвинителот Абази воопшто и не доставил програма(!). Тој дури и се изземал од можноста да образложува програма, што очевидно ја нема. Аврамовски прашува – како Советот за јавни обвинители воопшто одлучувал за кандидатурите на нивните колеги?! Ние би додале како и врз основа на што одлучувале другите обвинители, оние од Штип или Битола, кои безрезервно биле за Абази?!
Ова беа негови констатации во ТВ емисијата „360 степени“ на Алсат-М, каде што водителот Васко Попетрески пренесе дека наводно Абази поединечно им се јавувал на сите свои колеги кои требале да гласаат и им ја објаснувал својата визија за идната работа! На ова Аврамовски констатира дека Советот на обвинители е одговорен за организација на изборите и составиле извештај за нивните согледувања.
Потоа, на седница на Советот на обвинители биле нападнати од член на ова тело – Иџет Мемети (поранешен правобранител – !) кој неаргументирано ги навредил сите кои имале забелешки за изборот на Абази, во што освен НВО секторот влегуваат и универзитетски професори! Аврамовски смета дека тука одговорност сноси претседателот на Советот – Јолевски, кој не се оградил од изнесените зборови и оценки на Мемети.
А оградувања на таа, јавна седница, немало ни од другите членови на ова тело, кое не би смеело да биде арена за вакви квалификации на една сериозна работа како што е избор на првиот борец против организираниот криминал.
Во споменатата емисија беа споменати измените на Законот за јавни обвинители (2020) пред предвремените парламентарни избори што донеле навидум повеќе демократија во изборот на обвинители на високи позиции. Точно е дека јавните обвинители имале слобода да бираат, но тие сепак стравуваат дека нив нема да ги бираат и тука стравот може да ги игра голема улога (за ова говореше и претседателот на државата Пендаровски во едно скорешно ТВ интервју).
Инаку, за промените на споменатиот Закон гласале, на крајот на својот мандат, и оние осуммина од ВМРО-ДПМНЕ кои своевремено гласаа за промена на Уставот. И тие, како дел од влијанието на Мијалков во нивната партија, го нашле својот есап во измената, само што гледале, се чини, подалеку од другите гласачи.
извор Civilmedia