Општина Центар додели 33 стипендии на учениците од основните училишта за постигнатите резултати на државните и меѓународни натпревари, со цел да ги поддржи и мотивира за понатамошен напредок во науката, техниката и посебните вештини.
„Го препознаваме талентот кај нашите млади и инвестираме во развивање на нивните способности. Вложувајќи во нивниот потенцијал, вложуваме во прогресот и иднината“ истакна градоначалникот Горан Герасимовски, кој лично им ги врачи стипендиите на учениците на свечената приредба организирана во ООУ „Киро Глигоров“ по повод Денот на општината.
Стипендиите, во износ од 3.000 и 3.500 денари месечно, ќе се исплаќаат до крајот на учебната година.
На настанот беа доделени и пофалници за најдобрите ликовни и литературни творби на тема „Мојот Центар, мојот мал свет“.
Покрај стипендиите за наука, техника и посебни вештини, вчера Герасимовски врачи и 46 стипендии на надарените ученици од областа на културата.
Општина Центар ќе продолжи да вложува во стипендирање на учениците со постигнати резултати на градски, републички и меѓународни натпревари, бидејќи тоа е влог во иднината и просперитетот.