Градоначалникот Горан Герасимовски денеска, по повод Меѓународниот ден на образованието беше во посета на ООУ Св. Кирил и Методиј, каде што веќе две години учениците не користат мобилни телефони за време на настана. Оваа пракса, неодамна беше прифатена и од останатите седум основни училишта на територија на Општина Центар.
Герасимовски, потенцира дека со донесените препораки за забрана за користење мобилни телефони за време на наставата учениците целосно ќе се посветат на учењето и ќе се подобри квалитетот на образовниот процес.
„Донесовме корисни препораки со кои ќе обезбедиме подобри услови во учењето и ќе придонесеме за развој на позитивна училишна атмосфера. Со оваа мерка, учениците ќе можат целосно да се посветат на учењето. Со редуцирање на употребата на мобилните телефони за време на часовите, учениците ќе се научат на важноста на личната дисциплина и ќе имаат поголема социјализација со своите врсници. Ме радува тоа што добиваме позитивни коментари од родителите за мерките и што сите основни училишта во Центар ги прифатија препораките кои значат зајакнување на наставниот процес, заеднички продолжуваме да ги менуваме состојбите на подобро“ вели Герасимовски.
Препораките за забрана на користење на мобилните телефони се прифатени и во образовниот процес во дел од европските земји.