Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во училиштето „Св. Кирил и Методиј“, каде што се изведува реконструкција на фасадата и замена на целокупното внатрешно осветлување.

Овој капитален зафат, финансиран преку заем од Светска банка, ќе придонесе за значително зголемување на енергетската ефикасност на објектот.

„На 190-годишнината од постоењето на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ инвестираме во негова целосна енергетска обнова. Новата енергетски ефикасна фасада и LED осветлувањето ќе придонесат за помали сметки за електрична енергија, подобри услови за учениците и наставниот кадар и поздрава средина.

Во овој период наш приоритет се реконструкциите и санациите во сите училишта во Центар, затоа што вложувањето во образованието е вложување во иднината“, порача Герасимовски.

Реконструкцијата предвидува поставување висококвалитетна камена волна на површина од близу 2.000 квадратни метри, како и поставување стиродур на околу прозорците и вратите, со цел подобрување на топлинската изолација.

Финалниот изглед на училиштето ќе биде заокружен со декоративен малтер и ново колоритно решение. Во рамки на зафатот, сите челични решетки ќе бидат демонтирани, прилагодени, бојадисани и повторно поставени, а на кровот ќе бидат изведени нови лимени опшивки и ветерлајсни.

Паралелно се модернизира и внатрешното осветлување со замена на сите светилки, околу 300, со нови, енергетски ефикасни LED светилки, со што значително ќе се намали потрошувачката на електрична енергија.

Според предвидената динамика, главниот дел од фасадата ќе биде завршен до септември, со цел учениците и наставниот кадар да ја започнат учебната година во подобри услови за работа.

фото Општина Центар