Општина Центар, во соработка со „Прв до врв“, на 12 септември го организира „CENTAR NIGHT RUN“ – првиот општински полумаратон во државата и нов спортско-забавен настан во срцето на Скопје.
Ноќната урбана трка ќе започне во 18:00 часот, а учесниците ќе трчаат низ центарските улици, во поинаква вечерна атмосфера.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повикува граѓаните, љубителите на трчањето и спортот да бидат дел од првото издание на „CENTAR NIGHT RUN“.
Centar Night Run — Ноќна урбана трка | Скопје 2026
„Сакаме Центар да живее и преку спортот и да создава настани што ги обединуваат луѓето. Особено ми е драго што токму нашата општина ќе биде првата општина домаќин и организатор на полумаратон во државата. На 12 септември ги отвораме центарските улици за тркачите, но и за сите граѓани кои сакаат да бидат дел од една поинаква вечер исполнета со спорт, дружење и забава. Ги поканувам сите да ни се придружат“, вели Герасимовски.
„CENTAR NIGHT RUN“ има за цел да го промовира трчањето, активниот начин на живот и дружењето, но и да донесе нова спортска енергија на улиците во Центар.
По завршувањето на „CENTAR NIGHT RUN“, вечерта ќе продолжи во Паркот на Франкофонија со традиционалниот музички хепенинг „Нешто што ќе остане“, со што спортската вечер ќе прерасне во голема забава за сите учесници и посетители.