Лифтови, пристапни рампи, сензорни соби и санитарни јазли за потребите на учениците со потешкотии, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски го претстави отчетот за сработеното во изминатите три години.

„Во делот на образованието, сакам да истакнам дека Општина Центар посветува сериозно внимание на инклузивниот процес за учениците со потешкотии во движењето. Во доградбата на училиштето во „Коле Неделковски“ поставивме лифт, прилагодени санитарни јазли, пристапни за учениците со потешкотии во движењето, лифт и пристапни рампи поставивме и во новата градинка Пролет, а пред два месеца ги завршивме и пристапната рампа во училиштето „Кочо Рацин“. Дополнително, вложуваме и во подобрување на спортските објекти во училиштата. Ги реконструиравме спортските сали во училиштата „11 Октомври“, „Гоце Делчев“, „Кочо Рацин“ и свечената сала во училиштето „Димитар Миладинов“. Темелно ги реконструиравме и модернизиравме трпезаријата и кујната во училиштето „11 Октомври“, набавивме информатичка опрема во вредност од 6 милиони денари, отворивме сензорни соби и поставивме прочистувачи на воздух во секоја училница во сите училишта“, изјави Герасимовски презентирајќи го отчетот.

Центарскиот градоначалник исто така рече дека работеле и на реконструкции на санитарни јазли во пет основни училишта. Дополнително, обновени се крововите на градинката „13 Ноември“ во објектот „Јасмин“ и на градинката „Корчагин“, каде направена е целосна реконструкција на сите занимални.

„Три години по ред обезбедуваме бесплатни ранчиња и училиштен прибор за сите првачиња, со што го олеснуваме финансискиот товар на родителите. Општина Центар е единствената општина што обезбедува лични асистенти за децата во училиштата кои не се опфатени со проектот на Министерството за образование и наука“, потенцираше Герасимовски.