По повод Светскиот ден на волонтерството – 5 Декември, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се приклучи на хуманитарната акција во просториите на Општинската организација на Црвениот крст – Центар, во ДХО „Даре Џамбаз“, каде што волонтерите подготвуваа пакети со храна за социјално загрозени семејства.

Градоначалникот даде силна поддршка на активностите посветени на грижата за ранливите категории граѓани, истакнувајќи ја клучната улога на волонтерите во градењето на одговорно, солидарно и хумано општество.

„Ги повикувам сите граѓани да се приклучат на волонтерските иницијативи. Секој придонес е добредојден и значи многу за оние на кои им е потребна помош и грижа. Волонтирањето носи позитивни промени, не само во заедницата, туку и на индивидуално ниво. Преку ваквите несебични активности не само што помагаме на другите, туку и самите се градиме како хумани и емпатични личности“, истакна Герасимовски.

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на волонтерството, Општина Центар ја усвои и Општинската декларација за поддршка на волонтерството, со која се реафирмира значењето на волонтерскиот труд, човечката солидарност и граѓанската одговорност. Со декларацијата се утврдуваат заложбите на општината за промовирање на волонтерството, зајакнување на соработката со хуманитарните организации, создавање услови за поттикнување на младите и повозрасните кон волонтерски активности, како и јавно признание на придонесот на волонтерите во заедницата.

Општина Центар континуирано организира хуманитарни акции, донации и настани, меѓу кои и традиционалните хуманитарни базари во кои активно волонтираат младите и пензионерите. Овие локални иницијативи имаат за цел поддршка на социјално загрозени семејства и поединци и поттикнување на солидарноста во заедницата.