Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, направи увид во работните активности за реконструкција на улицата „Елисие Поповски“ во населбата Капиштец. Во тек е почетната фаза на асфалтирање. Поставен е првиот слој асфалт, наместени се бетонските рабници, а тротоарите ќе бидат поплочани со павер елементи и делумно проширени.

„Станува збор за фреквентна улица која подолг период беше во лоша состојба. Со реконструкцијата ќе обезбедиме квалитетна и безбедна инфраструктура, а ќе се зголеми и сигурноста за сите учесници во сообраќајот. Ги замолувам граѓаните за трпение, бидејќи градежните работи секогаш носат одредени предизвици, но конечниот резултат ќе биде функционална и модерна улица,“ истакна Герасимовски.

Потегот што се реконструира е долг 700 метри и се протега од Клиничкиот центар до Заводот за рехабилитација. Втората фаза започнува наредната недела, кога ќе следи финално асфалтирање и завршно уредување на површината.

Проектот се очекува да биде завршен до крајот на годината, со што „Елисие Поповски“ ќе добие современ изглед и подобрена функционалност. За реконструкцијата се издвоени 13 милиони денари од општинскиот буџет.

До крајот на годинава, Општина Центар ќе започне со реконструкција на улиците Алберт Ајнштајн, Донбас и Андон Дуков.