Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ ја истакна обновената енергија и ентузијазмот кои ги донесе новото раководство на партијата. Според него, овие промени се резултат на темелен процес на консултации и анализа, кој веќе дава конкретни резултати на терен.
„На сегашните состаноци има присутни два до трипати повеќе луѓе отколку што тоа беше во предизборниот период. Јас бев во кампања, разговарав со нив. Се чувствува огромен ентузијазам и енергија со поставувањето на овие луѓе“, рече Филипче.

Тој нагласи дека основната цел на новото раководство е да ги вклучи најдобрите кадри, без разлика дали тие се дел од партијата или не, создавајќи платформа што ќе ја врати довербата на граѓаните. Во тој контекст, новите назначувања на локално ниво играат клучна улога.

„Веќе има назначено претседатели на најголемите општински организации ширум државата – во Охрид, Битола, Прилеп, Штип и Велес. Станува збор за луѓе кои имаат многу широка поддршка од нашите членови и симпатизери. Тие веќе ја поставуваат структурата под нив, што веќе дава резултати“, истакна претседателот на СДСМ.

Процесот, како што објасни Филипче, не бил брз, но тоа било неопходно за да се најдат најдобрите луѓе кои ќе ја обноват партиската енергија.

„Тоа е процес којшто зема време. Саати и саати состаноци во општинските организации беа неопходни за да се идентификуваат вистинските луѓе кои вредат, но од некакви причини биле тргнати на страна. Мојот пристап беше да им се даде шанса на луѓе кои досега не биле на функции“, рече тој.

Филипче исто така посочи дека интересот за партиските активности е значително зголемен, што според него, покажува дека граѓаните гледаат надеж и перспектива во промените кои ги носи новото раководство на СДСМ.