Венко Филипче кандидат за претседател на СДСМ во интервју за Фокус вели дека по изборниот пораз на парламентарните избори, СДСМ мора да го реформира, пред сѐ, менталитетот и да стане вистински граѓански ориентирана партија, која го има граѓанинот во центарот на своето дејствување.
„Моја цел е да ги „вбризгам“ во СДСМ вредностите и верувањата што ме водат во мојот личен и професионален живот. Професионализмот, емпатијата, грижата за луѓето, пристапноста и одговорноста се вредностите и принципите по кои работев секогаш во минатото. Силно верувам дека ваков пристап е потребен и во целокупното работење на СДСМ и неговото раководство“, изјави Филипче за Фокус.
Тој во интервјуто исто така потенцира дека доколку стане претседател на СДСМ има за цел да ја обнови СДСМ и да го подигне на нивото што го заслужува.
„Мојата цел во следните четири години е да ја обновиме, реформираме и повторно да ја подигнеме СДСМ на нивото што го заслужува. Да создадеме организација, која ќе им служи на граѓаните и ќе биде мотор на општествениот напредок“, вели Др Венко Филипче во интервју за Фокус.
Тој како актуелен кандидат за претседател на СДСМ зборува за главните мотиви поради кои се вклучи во трка за нов партиски лидер притоа потенцирајќи дека во партијата мора да се отстранат сите недостатоци од минатото со цел таа да излезе посилна и пообединета.
„СДСМ се наоѓа во критичен момент од историјата на партијата. Јас кажав дека овој пораз ја клекна СДСМ на колена. Но, верувам дека поразот треба да ни послужи како моќен катализатор за промени и обнова“, вели Филипче за Фокус.
Филипче исто така најавува дека доколку ја добие партиската доверба за нов лидер на партијата, ќе воведе сосема нов пристап во комуникација и ангажирање на членовите и граѓаните. Отворен пристап, каде што почитта кон луѓето ќе биде приоритет, а нивните грижи основна водилка во политиките на партијата.