Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро реагираше на критиките на ВМРО-ДПМНЕ за новото раководство на партијата, нарекувајќи ги празни обиди за дискредитација кои само потврдуваат дека СДСМ е на вистинскиот пат. Тој во интервју за емисијата „360 степени“ рече дека критиките од ВМРО-ДПМНЕ се потврда дека СДСМ направи добар избор со новото раководство.

„Критиките коишто доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ, мора да ви кажам, ме прават исклучително среќен и задоволен, поради тоа што сметам дека тоа значи и е потврда дека сме на вистинскиот пат. Не очекувам некаква конструктивност од нивна страна“, рече Филипче.

Тој ги оцени нападите како реакција на страв од промените што ги носи СДСМ со новото раководство, кое е резултат на темелна анализа и широк консултативен процес.
„Еднаш велат дека се тоа слаби нови кадри, еднаш дека тоа се стари кадри или продолжена рака на не знам кој. Така што, не се соодветни коментарите на ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за луѓе со многу силен и голем личен интегритет, искуство во различни сфери, пристап до различни фокус групи коишто ни се многу важни за да ја прошириме платформата на којашто делува СДСМ“, истакна претседателот на СДСМ.

Филипче потенцираше дека партијата нема да се поколеба од својата визија за изградба на платформа која вклучува нови лица, нови идеи и отвореност кон сите што веруваат во либералната демократија како иднина за Македонија. Тој рече дека многу луѓе се приклучуваат кон партијата во изминатиот период.
„Тоа се поинтензивно се случува во изминатиот период откако луѓето гледаат дека оваа влада работи без компас, спротивно на државните интереси и на интересите на граѓаните“, рече тој.

СДСМ ја повикува ВМРО-ДПМНЕ да престане со неосновани критики и да покаже одговорност пред граѓаните преку конкретни политики и мерки кои ќе го подобрат животот на сите, рече Филипче.