Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денес ја најави првата сериозна граѓанска иницијатива против, како што наведе претседателот Венко Филипче, опасните и штетни политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со можен прием на мигранти во земјата.
Филипче истакна дека е време да се крене гласот на народот и најави покренување онлајн петиција како прв чекор за спречување на, како што го нарече, антидржавното и антинационално однесување на Владата.
„Мора да кажеме одлучно не. Ги повикувам граѓаните да нè поддржат да нè подржат и да ни помогнат да го спречиме ова антидржавно и антинационално однесување на т.н. патриотска влада на ВМРО ДПМНЕ“, порача Филипче, прашувајќи дали цената за кредитот од 6 милијарди евра е токму прифаќање мигранти во Македонија, одлука што, според него, ќе ја плаќаат генерации во децениите што следат.
Тој нагласи дека Македонија не смее да дозволи да стане периферија на Европа и предупреди дека доколку Владата го игнорира ова предупредување, ќе следат уште посилни чекори во интерес на заштита на државата, безбедноста и иднината на македонските граѓани.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...
