Зборувајќи за кризата со мигрантите, лидерот на СДСМ во Тема на денот на ТВ Сител порача дека на премиерот Христијан Мицкоски и членовите на Владата не може да им се верува.

Според Филипче, Мицкоски нема никаков кредибилитет откако претходно во неколку наврати сам ги има погазено сопствените ветувања.

„Немаат кредибилитет нашите членови на владата, ниту пак премиерот кој во неколку наврати знаеме дека дава изјави што потоа тоа не важат. Да потсетам, во периодот наназад не важеше преспанскиот договор, ќе го враќаше уставното име, ќе си дадеше оставка ако се докажеше поврзаност на Агенција за обезбедување со дискотеката во Кочани. Сето тоа се потврди, но Мицкоски ништо не направи и сега како може да му верува човек за едно вакво сериозно безбедносно прашање?“ рече Филипче.

Тој додаде и дека според досегашните информации во Македонија треба да стигнат луѓе кои не биле добри за Велика Британија, луѓе кои имаат криминално минато и кои не се пожелни ниту во нивните држави, и сето тоа, според него ќе донесе безбедносна закана во државата.