Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во синоќешното гостување на емисијата „Клик плус“ на ТВ21, предупреди на сериозната економска состојба со која се соочуваат компаниите во земјата. Според него, повратот на ДДВ кон компаниите е во сериозен застој, а кумулативно околу 100 милиони евра не се исплатени во последните три до четири месеци. Ова, според Филипче, предизвикува зголемување на бројот на неликвидни компании кои имаат сè поголеми потешкотии да ги задржат своите активности.
„Нашите информации покажуваат дека околу 100 милиони евра за три до четири месеци не се исплатени на компаниите како поврат на ДДВ, што создава дополнителен притисок врз нивната ликвидност,“ истакна Филипче.

Тој ја критикуваше улогата на премиерот кој изјавил дека лично ќе проверува која компанија колку требала да поврати ДДВ нагласувајќи дека премиерот не треба да се вмешува директно во координацијата на институциите. „Целта на премиерот треба да биде да ги координира институциите за тие да функционираат, а не да се обидува да контролира се“ рече Филипче.

Филипче исто така ја спомена контроверзната изјава на премиерот, во која тој најави дека ќе седне на Царината за лично да следи какви лекови се увезуваат во државата. Според Филипче, ова покажува дека премиерот има потреба од контрола над сè, што придонесува за блокада на државата.
„Дали тој нема доверба во своите луѓе или во институциите, допрва ќе видиме,“ додаде Филипче.