Изборите ќе се случат во оној момент кога нема да има повеќе пари во касата за нови тендери за Мицкоски и нему блиските, кога ќе престане можноста за дополнителни задолжувања, рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во интервју за неделникот Фокус. Филипче укажа дека и во моментов буџетската дупка е продлабочена.

„Веќе сега во буџетот недостигаат две милијарди евра. Кога ќе пресушат сите ресурси – еве ни избори. Дали ќе бидат наесен или на пролет, сè зависи од брзината на распишување тендери и од брзината на добивање нови кредити со високи камати, кои ќе ги враќаат нашите внуци“, вели Филипче.

Во интервјуто, тој додаде дека политиката на власта е очигледна – изолација, избори, мигранти за пари. Филипче посочи дека државата веќе се соочува со процес на политичка и меѓународна изолација, што според него е резултат на промашените и неодговорни политики на Владата.

„Како што рековме изолација, избори, па мигранти за пари. Изолацијата е во тек, се спроведува. За американски визи сме ставени во група со земји од третиот свет, а Европската Унија директно вели нема понатамошно продолжување на преговорите додека не се донесат уставните измени. Од друга страна, Мицкоски вели дека нема разговори за тоа додека тој е на чело на влада “, рече Филипче.

Притоа, Филипче предупреди и намерно создаваните конфликти со соседните држави од страна на владата на ВМРО, што дополнително ја турка државата кон изолација, но и кон нов изборен циклус со цел продолжување на владеењето на актуелната власт.

„Намерно создавање конфликти со Грција и Бугарија. Вицепремиерот познат по своето директно учество во ширењето на руското влијание во Македонија, вели влегуваме заедно со Вучиќ во ЕУ, а тие објавија дека Србија застанала со евроинтеграциите поради донесување спорни закони во правосудството и не дека е стопирана, туку дека отишла наназад. Што ни следи потоа? Избори! За да се продолжи владеењето на овој режим уште четири години. Уште четири години тендери и луксуз. Да се обезбедат и правнуците. И, секако, тука е потребно да се обезбедат пари за тој луксуз, а тука доаѓа забранетата тема – мигранти, односно „економски работници“, нагласи Филипче.