Претседателот на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче на прес-конференција ги претстави извештаите од Онкологија за кои ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека не постојат.

„Мизрахи тврди дека такви извештаи немало и ова го повторува во јавноста со месеци водејќи брутална негативна кампања против мене обивнувајќи ме, иако од самиот почеток тврдев дека одговорност кај мене не постои. Благодарение на чесни и искрени луѓе, кои знаат што се сум направил за пациентите како министер, до мене беа доставија извештаите. Јас постојано бев убеден дека такви извештаи имаше и конечно тоа се докажува“ рече Филипче.

Тој додаде дека сите извештаи биле уредно пополнети и заверени согласно процедурите. Овие извештаи биле редовно изработувани и биле дел од документите од министерството.

„Е сега треба да одговорат и Рашела Мизрахи и тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити прво, како и зошто овие извештаи биле криени? Дали е точно дека на барање на истражните органи, кои водат постапка за овој случај, овие извештаи не им биле доставени? Ги прашувм директно дали намерно се криеле за да можат да ме вовлечат и обвинат во скандалот?“ праша Филипче.

Претседателот на СДСМ рече дека ова е скандал и побара истрага зошто овие документи биле криени.

„Очекувам итно да излезат и да се извинат на целата македонска јавност Рашела Мизрахи и ВМРО-ДПМНЕ што ја донесоа јавноста во заблуда и го оцрнија моето име. Очекувам обвинителството во најкус рок да излезе со став за целиот случај и да се истражи кој се е дел од овој скандал“ рече Филипче.