Претседателот на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче на прес-конференција објави скандал дека ВМРО-ДПМНЕ креирале хајка против него криејќи документи во министерството за здравство.
„Верувам дека сите добро се сеќавате на овој случај и на анкетната комисија која тогаш ја побара ВМРО-ДПМНЕ, а ја водеше Рашела Мизрахи. Мизрахи, од тогаш па до денес, тврди дека јас имам одговорност во случајот. Да ја потсетам јавноста, обвинувањето е дека како министер за здравство, сум бил одговорен да осигурам дека Клиниката за Онкологија доставува редовни шест месечни извештаи за работењето и извештаи од работата на стручните комисии. Мизрахи тврди дека такви извештаи немало и ова го повторува во јавноста со месеци водејќи брутална негативна кампања против мене обивнувајќи ме, иако од самиот почеток тврдев дека одговорност кај мене не постои“
Тој додаде дека чесни и искрени луѓе му ги доставиле извештаите со што се потврдува дека тие постојат.
„Еве ги сите извештаи уредно пополнети и заверени согласно процедурите. Овие извештаи биле редовно изработувани и најважно биле дел од документите од министерството. Е сега треба да одговорат и Рашела Мизрахи и тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити прво, како и зошто овие извештаи биле криени? Дали е точно дека на барање на истражните органи, кои водат постапка за овој случај, овие извештаи не им биле доставени?“ праша Филипче.
Тој запраша дали намерно се криеле документите за тој да биде вовлечен во скандалот.
„Откако овие извештаи беа доставени до мене јас одма ги проследив во обвинителството. Очекувам соодветно да бидат земени и анализирани во рамки на истрагата. Очекувам исто така да биде покрената истрага за тоа како и зошто досега овие извештаи биле криени. А сега, од оваа говорница сакам да го прашам ВМРО-ДПМНЕ и Рашела Мизрахи, зошто го направивте ова? Толку ли ви беше важна политичката хајка против мене? Има ли нешто позлобно од тоа да се прикрива вистината во еден таков грозоморен случај за политички поенни, па згора на се да се кријат докази од истражните органи?“ праша Филипче.