Суетите во политиката ги имало отсекогаш, но во овие времиња ние го немаме луксузот да ја жртвуваме иднината на партијата заради лични предрасуди, колективното добро мора да ги победи личните интереси, порача од Конгресот на СДСМ, претседателот на партијата Венко Филипче.

„Со моето доаѓање на чело на партијата сакам едно јасно да порачам. Секој кој ќе биде дел од партијата и од раководните структури е поставен на таа позиција да им служи на граѓаните и на членовите на СДСМ. Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја. Додека сум јас претседател, тоа нема да го дозволам затоа што тоа ја уништува сржта на нашето постоење. Затоа, во одредена смисла имам разбирање за претпазливоста и скептичноста на одредени наши сопартијци. Но, од оваа говорница ги уверувам дека многу брзо ќе ги убедиме дека знаеме да се издигнеме над предизвикот и можеме со посветена работа да ги искорениме сите лоши навики кои ја мачат партијата“ посочи Филипче.