Електродистрибуција беше домаќин на настанот „Сајбер-безбедност во критичната инфраструктура: градење отпорност преку соработка“, организиран од OSAC (Overseas Security Advisory Council), со што официјално започнаа активностите со посебен фокус на енергетскиот сектор како клучен сегмент за националната безбедност, економската стабилност и непреченото функционирање на општеството.
Настанот обедини државни и меѓународни претставници од јавниот и приватниот сектор, регулаторни институции, енергетски компании и експерти за ИКТ и сајбер-безбедност, со цел да се отвори стратешка дискусија за растечките сајбер-закани и заштитата на критичните енергетски системи.

Експертски согледувања споделија Нина Угриновска, сениор консултант и главен ревизор, Ања Ивановска, офицер за информативна безбедност и Георги Хаџи-Манев раководител на одделот за информатички и телекомуникациски технологии, фокусирајќи се на сајбер-безбедноста во контекст на дигиталната трансформација, управувањето со оперативните технологии, усогласеноста со регулативите ISO/IEC 27001:2022 и NIS 2, како и јакнењето на отпорноста во енергетскиот сектор. Дискусиите ја нагласија важноста на соработката, размената на информации, лидерската одговорност и инвестирањето во човечкиот капитал како клучни фактори за справување со сè поизразените сајбер закани по критичната инфраструктура.

Електродистрибуција останува посветена на поддршката на OSAC Скопје и на зајакнувањето на сајбер-отпорноста во енергетскиот сектор.

фото Електродистрибуција