Едукативните видео содржини на ЦИВИЛ во кои, во помалку од една минута се објаснуваат основните поими поврзани со дезинформациите, наидоа на одличен одзив и позитивни оценки кај голем број граѓанки и граѓани.

Во првото од 12-те видеа, се објаснува поимот ДЕЗИНФОРМАЦИЈА – намерно ширење лажни или погрешни информации за измама или манипулација, преку стратегиски и медиумски тактики за постигнување политички, воени или комерцијални цели. Понатаму, во едноминутното видео се вели дека „дезинформациите се глобална закана, поради способноста за брзо ширење лажни наративи во масовни размери“.

Фејсбук објавата со линк до текстот и видеото објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ, има повеќе од 80.000 импресии и повеќе од 370 лајкови за само два дена.

Имаше и повеќе позитивни коментари, како и прашања од публиката. Освен во коментарите, организацијата доби и неколку десетици пораки во својот инбокс. На адреса на ЦИВИЛ пристигнаа и голем број честитки и пофалби, меѓу другите и поради начинот на кој се објаснуваат поимите, како што велат – кратко, јасно и прегледно. Комплименти има и за повеќејазичниот пристап. Освен на македонски, видеата и текстовите се и на албански и ромски јазик.

Одличен одзив, но и напад од тролови
Сосема очекувано, оваа иницијатива беше дочекана „на нож“ од познатата група тролови кои пружија „силен отпор“. Очигледно, тие во едукативните видео содржини се препознаа токму тие што шират дезинформации, пропаганда и теории на заговор. Според бројот и содржината на коментарите кои доаѓаат претежно од профили кои му се познати на мониторингот на ЦИВИЛ, не е исклучена можноста да се работи за оркестриран напад во кој наративите и пораките се препознатливи и постојано се повторуваат, без оглед на содржината и темата што се објавува на медиумската платформа на ЦИВИЛ.

Поддржувачите и симпатизерите на Путин, од кои најголем дел се и поддржувачи или членови на антизападни политички ентитети во земјава, влегоа во жестока контракампања во обид да ја дискредитираат работата и пораките на организацијата која постои веќе 25 години и ужива висок углед и доверба кај граѓанките и граѓаните на Северна Македонија, но и многу пошироко, во регионални и меѓународни рамки.

Целиот текст прочитајте го на Civilmedia.mk (ЛИНК)