Во изминативе децении, врските на Македонија со Европа се многу силни, посилни отколку врските со Русија на пример, рече во интервју за Слободен печат деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски.
„Ние, историски гледано немаме односи со Русија, руски компании тука не се присутни, освен неколку со многу ограничен инвестициски капацитет. Нашите односи со партнерите од Германија, од Холандија, градењето на општеството во овие три децении, без разлика која политичка опција била на власт дали СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, оди со ЕУ, а партнерството со САД е дополнителна вредност“ посочи тој.
Дујовски очекува Македонија да продолжи по патот на евроинтеграциите додавајќи дека државата е подготвена да ги почне преговорите за членство.
„Во наредниот период очекуваме дека Македонија ќе продолжи да јакне на патот на европските интеграции. Ние од поодамна сме подготвени да ги почнеме преговорите за членство, но за жал тоа не се случува, не заради наши внатрешни прашања, туку заради односите со соседите. Тоа ќе продолжи и во наредниот период, без разлика на внатрешните состојби, ќе биде многу тешко да се започнат преговорите, заради блокадата што Бугарија отворено ја протежира кон нашата држава“ заклучи Дујовски.