Преговорите со ЕУ се формално почнати, но се блокирани поради блокадата што доаѓа од Бугарија, проблем што ЕУ го реши на начин што наметна дел од условите и на наша страна а тоа е да се вметне бугарската етничка заедница во нашиот Устав заедно со уште пет етнички заедници, порача во интервју за Слободен печат, претседателот на Цивил, Џабир Дерала.
Дерала додаде дека сегашната владејачка партија како опозиција ветувала дека државата ќе продолжи по европскиот пат и очекува дека тоа ќе се оствари.
„Блокадата на европскиот ја наметна опозицијата, коалицијата на власт не беше доволно моќна во Парламентот, како и за многу други прашања претходно така што тој пат е се уште закочен. Од она што ние го знаеме од неофицијалните сознанија, знаеме дека тогашната опозиција, сега партија на власт, ветувала разни работи и во доменот со комуникацијата со нашите партнери во дипломатијата, дома но и надвор во Брисел и се надевам дека тоа ќе биде исполнет“ рече тој.
Во однос на националистичката реторика, Дерала смета таквиот наратив бил користен само за предизборни цели и дека новата власт ќе се води од она што навистина е македонски национален и стретешки интерес.
„Тоа што националистичкиот наратив доминираше во изборниот процес, тоа што донесе гласови, се разбира во понатамошниот тек на водење политики и практики, не мора да се реперкуира и јас се надевам дека нема да продолжи националиситичката хисетерија, односно дека таа била злоупотребена само за изборни цели и дека конечно, новите политички елити ќе сфатат која е вистинската потреба и кој е македонскиот национален стратешки интерес и дека ќе го продолжат тоа. Проценките сепак не зборуваат многу добро за таа перспектива, верувам дека новите македонски власти иако декларативно ќе бидат проевропски, нема да успеат да го деблокираат и да го откочат тој процес“ заклучи Дерала.