Житие: Светиот пророк Осија
Син Веириин од племето Исахарово. Живееше и пророкуваше 800 години пред Христа. Неговите боговдахновени зборови се наоѓаат во неговата книга составена од четиринаесет глави. Му упати многу укорувања на Израилот и на Јуда за идолопоклонството, пророкуваше за казната Божја за гревовите, ја прорече пропаста на Самарија и на Израилот заради богоотстапништвото, а и милоста Божја кон Јудиното колено. Го прорече укинувањето и престанокот на старозаветната жртва и доаѓањето на Господ и богатството на даровите коишто Он ќе ги донесе со Себе на земјата. Живееше до длабока старост и мирно се упокои.

Тропар
О пророче јасновидче Господов, о гласу кој воскресната радост ни ја објави, о молитвениче кој покајанието како лек ни го понуди, Осие пророче Господов, тело и крв тоа не ти го открија, туку Отецот Небесен пред Кого сега стоиш, и за нас постојано се молиш. Господи, слава Ти.

Житие: Светите маченици и бесребреници Козма и Дамјан
Едни од оние коишто се именуваат со ова име мирно се упокоија на 1 ноември. Другите беа каменувани во Рим на 1 јули, а овие третите беа од Арабија и под денешниот датум за нив станува збор. По занимање беа лекари, но кога ја примија Христовата вера ги исцелуваа болните со името на Исус Христос. Заради ова чудотворно лечење за нив се расчу на сите страни. Злобните незнабожци ги фатија и ги одведоа пред кнезот Лисиј во градот Егас. Бидејќи Светите браќа по никоја цена не сакаа да се одречат од Христа, најпрво ги фрлија во море, а потоа во оган. Но Семоќниот Бог ги спаси и од потоп и од оган. Ангел Господов им се јави спасувајќи ги. Незнабожечкиот кнез му го припишуваше ова на некоја нивна магија. А тие му одговорија: „Никаква магија не знаеме и не користиме, но ја имаме силата Христова којашто н ? спасува и нас и сите што го повикуваат пресветото име Христово.“ Тогаш ги удираа со камења, но камењата се одбиваа од нив; ги стрелаа со стрели, но и стрелите се одбиваа. Најпосле ги обезглавија со меч. Со нив пострадаа и примија венец на слава Светите Леонтиј, Антим и Евтропиј. Пострадаа во времето на Диоклецијан и Максимијан. Од нивните свети мошти се јавија многубројни чуда, како во времето кога беа живи.

Тропар
Душите ваши за Христа оневестувајќи ги, наука бесплатна проповедавте, која душа и тело во вечност приведува, о Козмо и Дамјане. Сила која не само што лекува, туку недопирлив од минливоста го прави човека, насекаде Господ преку вас се покажуваше. Со неа свети угодници молитвено закрилете ги нашите души, вие кои двојна награда добивте заедно со Леонтиј, Антим и Евтропиј од Раката бесмртна.

Житие: Преподобниот маченик Андреј
Христијански свештеник роден на Крит. Во времето на гонењето на иконите се покажа како голем поборник на иконопочитувањето. За да го изобличи злочестивиот цар Копроним за неговото иконоборство, Св. Андреј отиде во Цариград. Еден ден царот беше во црквата на Св. маченик Мамант. Андреј влезе во црквата, застана пред царот и јавно пред сите го укори: „Подобро ќе беше цару да си ги гледаш војничките работи и да управуваш со народот одошто да Го гониш Христа и Неговите слуги.“ За ова Св. Андреј беше многу биен и мачен и влечен по улиците. Еден еретик го удри со секира и го уби. Така ја предаде својата света душа на Бога, во 767 година. Неговите мошти се извор на исцеленија за болните.

Тропар
Крстот свој земајќи го, по Христа тргна, отфрлајќи ја лагата на светот. Јован великиот на покајание повикуваше, а ти Андрее цареви и народ изобличуваше, кои ликот Христов во човека го нагрдија и иконите ги осквернаа, непочитувајќи Го Оној Кој во тело дојде и пред човекот се појави. Венец маченички примајќи, Небесата те прославија, сега чест и од нас примајќи, застапништво од тебе пред Бога просиме, о достојнославен мачениче.

Житие: Лазар Четиридневниот
Главното празнување му е на 17 март и на Лазарова Сабота во Чесниот Пост. Под денешниот датум се празнува преносот на неговите мошти од островот Кипар во Цариград. Царот Лав Мудриот изгради храм на Св. Лазар во Цариград и неговите мошти ги пренесоа таму во 890 година. Кога после близу илјада години го откопаа Лазаровиот горб во градот Китија на Кипар, најдоа мермерна плоча со натпис: „Лазар Четиридневниот, пријател Христов.“