Во интервју за ЗЕЛЕН Цивил, проф. д-р Огнен Марина, професор на Архитектонски факултет Скопје, зборуваше за образованието како клучен сегмент за зелената транзиција на Северна Македонија. Професорот, посочи дека ни е потребен мултидисцилинарниот пристап кон Зелената агенда за да имаме шанса за подобра и позелена иднина.

Со проф. д-р Марина, зборувавме и за потребата од политички консезус за зелените прашања, можните злоупотреби, но и предизвиците и перспектвиите за зелените политики и процеси.

ЗЕЛЕН Цивил: Колку е реална зелената агенда на Северна Македонија?

Огнен Марина: Зелената агенда секогаш треба да се разгледува во одреден контекст кој што во случајот со нашата држава има еден административен, би рекол политички, во смисла дека започна со потпишување на документот кој ја пренесува Зелената агенда на ЕУ како еден од фундаменталните политики на ЕУ и во овој регион.

Вториот и поважен аспект е колку таа може да се имплементира. Не само што зелената агенда треба да биде реалност, туку таа е и нашата единствена шанса. Кога ќе ги видите елементите на зелената агенда кои утврдуваат дека ние како општество, заедница, држава, па и регион, мора да се менуваме во некои фундаментални аспекти во нашето живеење кои директно влијаат и на здравјето на граѓаните на безбедноста, на можноста за работа, односно функционалноста на економските и финансиските процеси. Сметам дека е исклучително важно сите, на секаков начин да се вклучиме во тој процес. Не само политичкиот кампус, туку како општество и како заедница за да ја реализираме зелената агенда.

Колку е таа реална. Колку што ние ќе успееме да се реализираме и да ја претвориме во реалност. Токму поради суштинските прашања кои таа ги обработува, а се однесува на обновливите извори на енергија, нешто што видовме дека е суштински важно, не само за нормално функционирање, туку и за безбедноста граѓаните, па оттука транзицијата кон користење чиста енергија од обновливи извори. Тоа е фундаментално за нас бидејќи влијае и на деконтаминација на почвата, водата и воздухот во регионот.

Доколку не обезбедиме здрава и чиста животна средина, пред сѐ, преку користење на обновливи извори на енергија, ние едноставно ќе го уништиме просторот, ќе ја уништиме животната средина, никој повеќе нема да може ниту да сака да живее во тука. Ако немате вие луѓе кои ќе сакаат тука да живеат, вие немате ни е економија. Ако немате економија, немате ни држава. Ако немате држава немате веќе систем кој што го уредува овој простор и оваа заедница и едноставно исчезнуваат сите оние големи наративи што секојдневно ги слушаме. Како што е дека една или друга политичка опција ќе донесат едни или други странски инвестиции.

Во Македонија најголем проблем и ова одговорно го тврдам како проект лидер за изработка на одредени стратегии за одредени општини во државата, се соочуваме со еден непобитен факт, а тоа е дека нема луѓе кои што можат да работат. Недостатокот на човечките ресурси е најдраматичната состојба во овој момент со мали изгледи да се подобри. Работната сила мигрира за подобри услови за живеење, подобра заработувачка, и не само високо образовниот кадар, туку и ниско квалификувана работна сила која што веќе не е на располагање. Нема да има нови странски инвестиции доколку немате кадар и притоа не можеме ниту да иницираме било каква трансформација на општеството.

Нам ни треба еден мултидисциплинарен пристап во разбирањето на поврзаноста на овие аспекти и суштината на тие процеси. Без еден сегмент од тие кои се во Зелената агенда ние немаме шанса за подобра иднина во нашата земја.

ЗЕЛЕН Цивил: Дали Владата или која било институција во земјата поседува информации и системско знаење за спроведување на зелената агенда и надминување на проблемите за кои вие зборувате?

Огнен Марина: Владата на Северна Македонија со потпишување на меѓународните договори и процесите во кои што е влезена не само што треба, мора да ги имплементира, односно мора да ги има овие информации и знаења. Имплементацијата на една таква програма и процес кој треба да биде суштински трансформативен за нас не може да се случи само со политички инструменти. Факт е дека целокупниот процес започнува таму. Политиката е таа која што ја дефинира и потврдува рамката во која што делуваме, но обврска е на Владата да ги вклучи сите засегнати страни и сите фактори во општеството кои што можат и треба да придонесат во процесот на трансформацијата. Тука пред сѐ мислам на образованието од најмали нозе па сѐ до високото образование и науката, во која што, за жал, нашата држава воопшто не инвестира. Македонија има 0,001 % од бруто домашниот производ за наука. Со тоа вие не може да очекувате да имате научни истражувања кои што ќе овозможат и ќе го подржат процесот на трансформација.

Од друга страна, мора да биде вклучен бизнисот, бидејќи тие се директно засегнати од зелената транзиција, преку енергенсите кои што ги користат, загадувањето на водите, почвата и воздухот, па сѐ до циркуларната економија, како нов концепт која во првиот момент е набљудувана со една негативна предиспозиција, а треба да донесе нов импакт во начинот на кој што ние функционираме.

Се разбира, и граѓаните, преку различните форми на делување, кои најпрвин мора да бидат запознаени, а потоа на некој начин и вклучени во овие процеси.

Која било влада, независно од која политичка провиниенција доаѓа, има обврска да ги вклучи сите што можат да придонесат во овој процес, затоа што зелената транзиција е хоризонтален процес. Таа мора да се случи во сите аспекти на нашето живеење. Таа не е вертикален процес, изолирана во еден сегмент или во една професија.

ЗЕЛЕН Цивил: Зборувавте за образованието и колку треба во него да се инвестира. Колку младите се визионери, колку тие се заинтересирани да работат, придонесуваат, креираат идеи кои би придонеле кон зелената транзиција?

Огнен Марина: Младите секогаш се заинтересирани за иновации. Прашање е колку ние ќе ги подготвиме и колку ќе им овозможиме тие иновации да станат реалност. Зелената агенда, дигитализацијата, циркуларната економија се нови концепти за нашето општество, па и за Европа. Ние имаме обврска на некој начин ги вклучиме во процесот на образование за да бидат разбрани на вистински начин, но исто така да можеме да најдеме наши автентични начини како тоа ќе го интегрираме во нашето живеење и процесите кои го движат нашето општество.

Но, во доменот на образованието тоа не значи дека треба да се воведат специјализирани студии на неколку факултети, туку дека концептите на зелената агенда мора да бидат интегрирани во секоја студиска програма без разлика на дисциплините. И ова согледување сме го разгледувале во процесите на изработка на одредени стратешки документи. Н пример, изработка на стратегијата за паметна специјализација, која е во тек и ги допира овие аспекти. Процесот за изработка на Стратегијата за циркуларна економија, која е апсолутно важен процес и која што мора да ги вклучи сите чинители.

Но, за сето тоа да се случи мора да ги имате основните принципи на циркуларноста, дигитализацијата, на обновливи извори на енергија, заштеда на енергија, одржлив развој на секое општество интегрирани во сите овие програми. Така ќе можат не само архитектите или градежните инженери, туку и машинските инженери, се разбира од природните науки, дури јас би рекол и од општествено хуманистичките науки. На пример, ние на Архитектонски факултет, во соработка со наши партнери од Техничкиот универзитет во Делфт и на развивање на аспектите на урбаните наративи. Наративите се еднакво важни за нас во разбирањето на процесите што се случуваат во просторот, кои што, пак, може да се поврзат со литературата, со алатките кои ги има, на пример, книжевноста, а се исклучително важни за разбирање на одредени феномени и аспекти и создавање на нови можности и вештини како ние да се соочиме со одредени предизвици. Затоа велам дека во сите студиски програми мора да бидат вклучени овие принципи на зелената агенда за да можеме ние постепено да создадеме знаење и капацитет за разбирање кај младите генерации кои што потоа преку специфичните знаења за секоја од професиите ќе го најдат начинот како да иновираат.

Се разбира, тоа е возможно само ако се инвестира во иновациите. Без инвестиции во образование, наука и поддршка на тие иновации нема шанса да говориме за било какви иновации. Тие не доаѓаат од никаде. Ние ако немаме индустрија, ќе немаме ниту креативна индустрија затоа што таа се наслонува на одредени производни процеси.

Проф. д-р Огнен Марина, Архитектонски факултет, Скопје
ЗЕЛЕН Цивил: Колку од Зелената агенда, од овие концепти е остварливо во наредните 10 години?

Огнен Марина: Ние сме во фаза, за жал тоа е она наше доцнење од евроинтеграциските процеси, во изработка на стратешки документи за овие фундаментални процеси на трансформација на нашето општество. Ниту една од овие стратегии не е усвоена и се надевам дека наскоро ќе бидат ставени во функција за да можеме да ги планираме мерките за поддршка и реализација на тие процеси. Во сите овие стратегии една од првите елементи е образованието. За да можеме ние да размислуваме што по 10 години ќе биде, ние мораме веќе денес да влеземе во процес на поголема, посистематизирана и понасочена поддршка на образованието на сите нивоа. Вториот чекор е соработка со бизнис секторот. Паметната трансформација тоа предвидува, да има продуктивна врска меѓу научната заедница со деловните субјекти кој што треба да овозможи трансформација и унапредување на одредени области кои што во таа стратегија се препознаени и компаративно со земјите од регионот, ние подобро стоиме и имаме потенцијал за некаков развој.

Пет области се препознаени, паметни индустрии, паметно земјоделие, ИТ секторот, паметни згради и паметни материјали. Овие области низ една утврдена методологија JRC (Joint Research Centre), научниот тинк-тенг на Европската комисија која ги прави сите истражувања врз основа на кои потоа се креираат на ЕК, покажува дека во Македонија постои одреден минат труд во однос на научни истражувања, број на научни трудови, број на експерти, како и постоење на одредени ресурси и наследство во делот на бизнис секторот. Нивното спојување во една креативна релација треба да овозможи ние да привлечеме странски инвестиции, кои ги ветува ЕУ. Слушнавме и за 6 милијарди евра, кои нема да бидат дадени туку така, туку ќе се наменат онаму каде што има програми, и тие ќе бидат направени врз основа на стратешките цели кои што сте ги утврдиле и ќе овозможат реализација на мерките кои се дефинирани во стратегијата за реализација на основните цели. Мора да има една структура тој процес кој ќе овозможи ние да ги користиме тие средства. Се надевам и верувам дека и Владата е свесна за тоа, како и универзитетите и бизнис секторот.

Само преку соработка ние може да создадеме можност за користење на овие фондови и да создаваме нови вредности и овие нови програми да ги претвориме во реалност. Ова ни е единствената шанса да работиме на нашата иднина на вистинскиот начин.

ЗЕЛЕН Цивил: Дали постои политички консензус за зелените прашања и иницијативи?

Огнен Марина: Помеѓу граѓаните апсолутно постои консензус. Секој сака да има чист воздух, почва, вода, здрава животна средина, да може да заработува повеќе. Тука јас немам дилема. Можеби консензусот не постои, ако воопшто се дискутира на ниво на политички партии, нивниот фокус имам впечаток дека е изместен кон некои други аспекти и наративи. Иако овие се тие кои што суштински ќе ги определуваат успешноста на нивната политичка агенда. Не постои политичка опција која ќе обезбеди нови директни странски инвестиции доколку немаме образован кадар. Не инвестирањето, не поддршката на квалитетни кадри на универзитети и факултети кои едуцираат квалитетен кадар во последните триесет години, бидејќи имаме континуирано опаѓање на поддршката на високото образование не доведува во ситуација дека сите тие наративи на политичките партии се само флоскули. Ниту една фабрика нема да инвестира или изгради погон таму каде што нема кого да вработи. Тоа е таков суштински проблем за нашата држава. Јас сум алармиран од непостапувањето во решавањето на овој проблем. ‘

Единственото нешто што можеме да го направиме е да ги подржиме најдобрите, со сета почит кон сите. Ние за жал, верувале или не имаме 33 акредитирани универзитети, имаме повеќе од 2000 студиски програми. Тоа е невозможна состојба за една држава, со милион и осумстотини резидентно население, ниту е потребно. Тоа значи дека акредитацијата на тие универзитети е направена по други основи, а притоа се децентрализира капацитетот на високото образование за создавање квалитетен кадар.

Јас верувам дека секој од политичарите ако ги прашате на едно човечко ниво ќе се согласат со сите аспекти на зелената агенда. Меѓутоа дали тоа се коси со одредени ситуации и бизнис процеси што се случуваат, веројатно да.

ЗЕЛЕН ЦИВИЛ: Дали можеме да зборуваме за злоупотреби на зелените прашања во овој контекст?

Огнен Марина: Сведоци сме на секојдневни злоупотреби кои што се случуваат и непостоење на одговорност. Злоупотребите ќе постојат помалку или повеќе, ама ако не постои систем на одговорност исчезнува здравото ткиво во општеството кое ги промовира вистинските квалитети на создавање подобра иднина. Тоа е тежок процес, особено кога говориме за зелената агенда, циркуларната економија, енергетската транзиција. Тоа значи цели генерации во одредени сектори ќе треба да го променат своето знаење, да бидат дообучени и да бидат преквалификувани за некакви нови работни места. Брзината со која што ќе се создатат тие работни места, а ќе се создадат само преку инвестиции во науката, иновациите и новите генерации што ќе создаваат нови незагадувачки, дигитализирани, услужни сектори во индустријата и економијата. Само тогаш ќе може оваа транзиција да ја направиме побезболна.

Но, ќе имаме голем број на вработени кои и поради возраста и поради подготовката и поради неорганизираноста на државата, институциите, па и образовниот сектор да им овозможи таа транзиција полесно да се случи. Тоа ќе биде голем социјален предизвик кој и економски ќе влијае како лично, така општествено и политички. Тоа е еден круг кој тогаш ќе генерира еден поконзервативни пристап кон одредени политики и трансформации кои што ќе го забават овој развој.

По мене, иако апсурдно звучи, ние во оваа ситуација кога имаме премногу политика или политиканство, единствениот начин на кој што можеме да ги решиме е да имаме повеќе политика, но како политики, како создавање одговорни политики што ќе ги водат овие процеси и ќе го трансформираат оваа општество.

Извор: Civilmedia.mk