Нацијата мора да го изедначи националното со вистината (Дионисиос Соломос, грчки поет)

Пишува: МИРЈАНА МАЛЕСКА 

На 4 мај оваа година,  заседанието на Бугарското Народно Собрание започна со декларација во чест на Гоце Делчев, поднесена од пратеничка на “Промената Продолжува-Демократска Бугарија”(ПП-ДБ), втората коалиција по број на гласови освоени на последните парламентарни избори. На изненадување на многу симпатизери на оваа коалиција, декларацијата звучи националистички и заканувачки. Во неа се предупредуваат бугарските политичари да бидат што поголеми патриоти и да покажат “внимание, грижа и заштита” на своите сонародници во Македонија, што инаку, според меѓународните норми, е мешање во внатрешните работи на соседна држава.

Необичното е што една реформска партија (ПП), водена од луѓе воспитани во либерален дух, се служи со националистичка реторика. Тоа би го протолкувала како знак дека Кирил Петков е принуден да се додворува на бугарските националисти за стореното “национално предавство” – кревање на бугарското вето. Сега сум уште поуверена дека таканаречениот „Француски предлог“ е прифатен под силен притисок на земјите на ЕУ врз Бугарија, да се отпочнат преговорите со Македонија и воедно, да се сочува единството на Унијата.

Заедничка декларација од 1999

Во ноември 2008 година бев поканета на научна конференција во Софија, за македонско-бугарските односи. Атмосферата беше дотаму пријателска што организаторот, Кирил Кертиков, универзитетски професор по социологија, во момент на добро расположение, се довери дека би сакал да побара македонско државјанство. Во пауза меѓу сесиите, ми пристапи човек со интелектуална физиономија, кој се претстави како Љубомир Иванов, претседател на бугарскиот Атлантски клуб и на фондацијата “Манфред Вернер” од Софија и ми подари мала книшка, со посвета, издадена на бугарски, македонски и англиски јазик, со зборовите: “ Ако вие сметате дека сте Македонци, што е ваше право, ние тоа го почитуваме, но  ќе бараме во вашиот устав, да бидат гарантирани правата на Бугарите во Македонија”.[i]

Оваа епизода ја споменувам, бидејќи денешната политика на Бугарија кон Македонија е буквално преземена од таа книшка на насоки и препораки, за чија содржина, секако претходно се направени повеќе консултации со историчари и интелектуалци од Бугарија, како и со луѓе од Атлантската договорна заедница.[ii] Во книшката има неколку важни поенти, кои требаше досега да ѝ бидат познати на нашата јавност: прво, дека Македонија не ги исполнила своите обврски од декларацијата од 1999 и дека не води пријателска политика спрема Бугарија.  Второ, се предупредува дека ако сега, како членка на ЕУ, Бугарија не направи нешто за подобрување на взаемните односи, “Софија во многу мал степен ќе располага со инструменти со кои ќе ја брани својата кауза додека можностите на Скопје ќе се зголемат”. Тоа нешто е всушност барањето за уставни гаранции на правата на Бугарите во Македонија, покрај заедничка комисија за историја. Сега е доцна да се каже, но доколку се водеше политика која ќе одеше во пресрет на барањата на Бугарија од декларацијата од 1999, можеби ќе се избегнеше ветото.

Во книшката “Бугарската политика спрема Република Македонија” потпишана од  Љубомир Иванов и соработниците, барањата на Бугарија се образлагаат со овие зборови: “Променета  етничката самосвест во Македонија е факт кој треба да се прифати како нова реалност. Но, бидејќи, продолжува ‘српско-југословенскиот проект’,  наметнат со сила и репресија, применуван без измени секогаш на антибугарска основа, во поразлична средина и со нови протагонисти, предлагаме уставна заштита на оние Македонци кај кои е сочувана бугарската етничка припадност”.[iii]

Со ова образложение може да се спори, но во споредба со минатите политики на Бугарија  звучи прагматично. Дури, би рекла, ни оди во прилог бидејќи нуди решение на еден долг, заплеткан спор меѓу двете држави.

Договор за пријателство, добрососедство и соработка од 2017

Претходно, владата на премиерот Зоран Заев се обиде да ги подобри соседските односи и во 2017 е потпишан  ‘Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија’.  Собранието со 61 глас го ратификува договорот, но опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на седницата. Наредните години ќе се крене лавина од груби, лажливи, невистинити, неосновани обвинувања кон владата и кон соседите дека се оспорува нашиот идентитет и јазик.

Националистичката еуфорија, предводена од опозицијата, трае до денес. “Виновник” за ваква негативна кампања е синтагмата од договорот за “заедничка историја”, додека правата на бугарското малцинство во уставот, вопшто не се спомнати.

Во меѓувреме е потпишан Преспанскиот договор, со кој е решен деценискиот спор за името со Грција. Пратениците на Собранието со 69 гласа за, го ратификуваа договорот. ВМРО-ДПМНЕ одново го бојкотираше гласањето, но затоа доби уште еден аргумент во раце  за “предавство” на нацијата. Штетите нанесени од долгиот спор се занемарени, предностите потценети, но затоа направените отстапки секогаш и секаде во јавноста се користат како прилика за рушење на власта.

Во ваква атмосфера на разбуден и агресивен национализам од двете страни на границата, Бугарија, охрабрена од грачката политика,  посегнува по стратегија, зацртана уште пред петнаесетина години: ако сега не направиме нешто за нашата кауза, никогаш нема да направиме…..

Што сега? Ризици и предности

Споровите вообичаено се решаваат со компромис меѓу политичките противници, што е најпожелно, или со гласање на мнозинството. За некои спорови треба време, што ние го немаме а некои воопшто не можат да се решат. Во моментот е јасно, дека политиката на ВМРО-ДПМНЕ, која два пати ги бојкотира договорите што отвараат пат за подобра и побезбедна иднина на земјата, многу веројатно ќе продолжи во таа насока. Што можела да стори владата,  освен да го прифати ‘земи или остави’ предлогот на ЕУ? Таа има легитимно право на избор, што потоа Собранието ќе го потврди или отфрли.

Вистина е дека досегашниот историски наратив ќе биде преиспитан во светло на нови сознанија. Тоа сепак се прави многу постепено, со взаемна согласност на заедничката историска комисија. На крајот од процесот, верувам, ќе се  афримира нашата достоинствена ‘приказна’ од преамбулата на уставот и химната на Македонија.  Наполно ќе се согласам со грчкиот писател Никос Диму:  “За мене , едно и единствено национално прашање е тоа што поетот Дионисиос Соломос го виде: нацијата мора да го изедначи националното со вистината”.[iv]

Вистина е дека, доколку во иднина бугарска политичка партија влезе во Собранието, ќе се усложни политичкиот процес на постојано договарање меѓу заедниците. Тоа не мора, нужно, да биде лошо за мултиетничка држава. Ќе има, евентуално, дополнителен балансер на односите меѓу заедниците, ако се знае дека во теоријата на конфликти, најопасен се смета оној меѓу две заедници, приближно еднакви по големина и политичка тежина.

Вистина е дека бугарската заедница, колку и да е мала според пописните резултати, ќе ги ужива правата на другите малцинства, како правична застапеност во јавната администрација, војската и полицијата. Државата ќе преземе обврска да го помага образовниот и културен развој на таа заедница, што практично значи,  уште еден нов корисник во прерасподелбата на ионака слабите општествени ресурси. Од друга страна, токму заради својот мултиетнички карактер и заштита на малцинствата, земјата ужива меѓународен углед, помош и подршка.

Вистина е дека постои опасност од мешање на Бугарија во внатрешните работи на земјата. Но, веќе имаме такво искуство на почеток на деведесетите на релација Скопје-Тирана, кое е главно напуштено по уставната гаранција на правата на албанската заедница со амандманите од 2001. Треба да се знае дека мултиетничка држава опстојува  доколку  е инклузивна кон помалите заедници и доколку соседите се согласни да не се мешаат во нејзините внатрешни работи. Холандија и Франција се согласни да не се мешаат во внатрешните работи на Белгија. Германија, Италија и Франција – во внатрешните работи на Швајцарија, а Велика Британија и Ирска се договорија, со согласност на Северните Ирци,  колку и како ќе се “мешаат” во внатрешните работи на Северна Ирска.

Да, постои неизвесност и извесен ризик од вклучување на бугарското малцинство во уставот, но неспоредливо поголем е ризикот Македонија да не ги продолжи пристапните преговори, да го изгуби компасот и да заостане зад соседите. Тоа ќе го заостри конфликтот мегу Скопје и Софија,  ќе го растргне општеството однатре и ќе створи потенцијал за регионална нестабилност.  Нема време за “игра на тронови”, а не сум сигурна дека меѓународниот контекст дозволува такво нешто.

Сите што ова го разбираат и ја сакаат земјата, со две раце ќе го прифатат помалиот ризик и ќе ги подржат уставните измени. Претпоставувам дека опозицијата е исто така во дилема: дали ќе гледа краткорочно да ги добие овие избори или ќе ја гради својата позиција како општествено одговорна партија.

(авторката е универзитетски професор по политички науки)

Извор: ИМА