Во пресрет на Велигденските празници, во маркетите наголемо се корегираат цените, пишува Centar.mk.
Па така килограм пиперки не може да се најде под 300 денари, додека доматите се преку 200 денари за килограм.

Поскапија и други млечни производи, како на пример млекото, кашкавалот и сирењето.

Поскапени се и јајцата за кои доколку купете табла од 10 јајца ќе ве чини над 120 денари.

Во маркетите особено се чувствува поскапувањето и на месните производи, но и кај овошјето.

Според познавачите, во моментов се случува првиот бран поскапувања од конфликотот на Блискиот исток, односно последиците кои се нанесоа со нападот врз Иран, а тоа повлече и поскапување на цената на нафтата на светските берзи и на малопродажните цени на горивата. Ова несомнено ќе придонесе за серија поскапувања поради повисоките трошоци за транспорт, пишува Centar.mk.

Познавачите велат, дека ова не е најлошото, и дека доколку конфликтот продолжи ќе има уште посилен финансиски удар по џебот на граѓаните, со оглед што Македонија не произведува ни половина од храната која што се троши, туку е увозно зависна земја.

Ќе помогне ли растот од 1.667 денари на минималецот во битката за преживување?
Според податоците на ССМ, потрошувачката кошничка за три месеци е зголемена за неколку илјади денари, а новото покачување од 1667 денари на минималецот не може да ги покрие ни поскапувањата кои се случуваа во периодот пред војната на Блискиот исток.

Познавачите велат дека ова ќе биде тежок период за македонскиот работник, но и за македонските компании, особено помалите бизниси кои едвај врзуваат крај со крај за да се справат со секојдневните трошоци за придонеси и режиски трошоци кои постојано растат, пишува Centar.mk.

фото Centar.mk.